Обезбедени 833.000 вакцини за Македонија, ќе се преговара за уште повеќе


Приоритет за вакцинирање за ковид-19 ќе имаат здравствените работници кои се директно поврзани со лекување пациенти со ковид-19 и оние кои земаат брисеви. Предност ќе имаат и луѓето над 65 години, хронично болните, односно лицата со респираторни, малигни и кардиоваскуларни заболувања и вработени во транспортот.

„Веќе се обезбедени вакцини за 400 000 граѓани преку ковакс-механизмот, во рамките на овој систем ќе ги добиваме вакцините и очекуваме конкретна информација од нив. Веќе доставивме барања до „Астра Зенека“ и „Фајзер“ и после иницијални нивни одговори чекаме и дефинитивна потврда дека дополнителна количина ќе може да набавиме директно од компаниите. И третиот механизам е преку дел од земјите од ЕУ, од нивните директни билатерални договори со дел од компаниите. Иницијално понуда добивме од Полска и Грција и за тоа веќе аплициравме за 800 000 дополнителни дози“, рече Филипче. 

Вакцината нема да биде задолжителна.Филипче наедно апелираше до граѓаните поради пандемијата со коронавирусот да се воздржат од семејните собири и слави во периодов.