Обезбедени се средства во буџетот за вакцини и лекови против КОВИД-19

Обезбедени се пари во буџетот за набавка на вакцини и лекови против КОВИД-19, соопштија во  дебата на МТВ премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими. За вакцини против КОВИД-19 се планирани 390 милиони денари односно 6,7 милиони евра, а за лекот Ремдесивир 67,5 милиони денари.

– Од кредитот со Светска банка 90 милиони предвидено е и за вакцина, а на годишните средби исто така кажаа дека дополнително ќе и дадат на државата само за вакцина. Значи, има обезбедени средства и доколку се покаже потреба за повеќе, засега има доволно средства предвидено за вакцини, рече Бесими.

Премиерот Зоран Заев кажа дека нашата проекција е 800 илјади вакцини, посочувајќи и на цени од некои производители – 10,47 евра за вакцина односно за двете дози 21 евро.

Северна Македонија е во КОВАКС-системот преку кој се резервирани вакцините. Заев соопшти дека авансот ќе го платиме веројатно на почетокот на декември, а во 2021 ќе бидат и 390-те милиони денари или 6,7 милиони евра.

-Ако има потреба за повеќе, ќе обезбедиме дополнително плус пари, рече Заев. Кажа и дека владата на Грција нарачала вакцини и за Северна Македонија и за Албанија и дека на разговор со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лејен во петокот било соопштено дека ЕК донела одлука покрај за земјите членки на Унијата, вакцината да биде набавена и за шесте земји од Западен Балкан.