Обезбедени се пари за пругата кон Бугарија, има и готов проект


Хари локвенец и неговиот бугарски колега Красимир Папукчиски во инспекција на изградениот дел од пругата од Куманово до границата

Директорите на двете државни компании за железничка инфраструктура на Македонија и Бугарија, денеска во Скопје им дадоа нов поттик на заложбите за изградба на пругата кон Софија. Директорот на инфраструктурата на македонските железници, Хари локвенец, рече дека „ги засукавме ракавите“ и дека целта е пред остварување.

„Парите се обезбедени, вкупно 165 милиони евра; имаме комплетно готов проект и привршува тендерската постапка за избор на изведувач. Пругата ќе почне да се гради уште оваа година“, рече Локвенец кој нагласи дека очекува да се гради за 3-4 месеци.

Неговиот бугарскиот колега, Красимир Папукчиски, искажа благодарност за брзата реакција и изразената подготвеност за продолжување на редовни работни состаноци за изградба на железничката линија Софија-Скопје.

„Овде, сите сме свесни за нашата одговорност во однос на реализацијата на Паневропскиот транспортен Коридор 8, којшто ќе го поврзе Јадранското море со Црното Море преку Албанија, Северна Македонија и Бугарија. Во моментов, железничката линија Софија – Перник – Радомир – Ѓуешево има должина од 139 километри. Брзината во делот варира од 70 до 100 километри на час, со одредени ограничувања од 40 до 75 километри на час. По спроведувањето на проектот очекуваме брзината да достигне 130/160 километри на час. Да си посакаме плодна работа и да се потсетиме дека при изградбата на железничките пруги нашите предци знаеја дека градат историја“, рече Папукчиски.

На средбата присуствуваа и претставници на делегацијата на Европската унија во Скопје кои дадоа силна поддршка за реализација на проектот и продлабочување на инфраструктурната соработка. Потоа, заедно го посетија градилиштето, делот од Коридорот 8, Режановце, првата делница од Куманово до границата со Бугарија.