Обезбедени наставни и нагледни средства по историја и географија за сите основни училишта


Од септември во сите основни училишта во државата ќе бидат на располагање новите наставни и нагледни средства по историја, географија и другите предмети од групата општествени науки, со што часовите ќе станат значително поинтересни за учениците и наставната материја полесно ќе се совладува.

Кабинетите по овие предмети во моментов се опремуваат со различни видови географски и историски карти, глобуси, макети на сончевиот систем, компаси и сета опрема која е неопходна за реализирање на наставата согласно новата Концепција за основно образование. 

Процесот на опремување на училишните кабинети денеска одблизу го следеше министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој денеска го посети ООУ „Мурат Лабуништи“ во струшко Лабуништа, каде воедно и најави инвестиција од над 8 милиони денари за реконструкција на кровот, тоалетите и помошните подрумски простории во објектот. 

„Продолжуваме со инвестициите за модернизација на воспитно – образовниот процес, особено во основните училишта. Тие добиваат комплетно опремени кабинети по историја и географија, исто како што во изминатиот период добија и нови кабинети по природни науки. Оваа активност се спроведува преку проектот за модернизација на основното образование и затоа изразувам голема благодарност до Светската банка, која го финансира неговото имплементирање“, изјави Шаќири.

Во меѓувреме, се интензивираат и активностите за реновирање и реконструкции на основните и средните училишта. Шаќири потсети дека со буџет од над 4,5 милиони евра предвидени се реконструктивни активности во 50 училишни објекти во повеќе општини низ државата до крајот на оваа календарска година. Средствата се обезбедени во буџетот на МОН, проектната единица за изградба на 145 спортски сали и рехабилитација на училишни објекти, а најголем дел од училиштата, односно 40 објекти ќе бидат опфатени со реконструктивни активности повторно со поддршка од Светската банка.