Обезбедени десет хотели за карантин, нема шанси меѓусебно да се заразат


Неблагодарно е можеби вака да кажам, ама некои велат дека им е многу убаво – изјави за “Независен“ генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, кој деновиве е на првата линија на акцијата за ставање во карантин на нашите граѓани кои се враќаат од странство.

Според Рашковски, досега во повеќе хотели низ Македонија се ставени во карантин 200 луѓе, а наредните денови се очекува да стигнат со организиран трансфер околу 2.000 за кои се обезбедени веќе десет хотели низ Македонија. Во моментов граѓани во карантин има во хотелот „Ибис“ и во „Стоун бриџ“ во Скопје, во „Фламенго“ во Гевгелија, во хотел „Михајло“ во Кавадарци и во „Десарет“ во Охрид. Се заедно обезбедени се 1.500 хотелски сместувања, при што сите се сместуваат во соби по еден или максимум двајца. Рашковски отфрла било каква можност да се заразат едни со други бидејќи се преземени екстремни мерки за заштита.

Така, сите се обврзани да не ги напуштаат собите, а дека ќе биде така на секој кат дежура полиција. Храна им се остава пред врата од лица облечени во заштитна опрема, а на ист начин се собира и отпадот, во иста кеса. Постелнина им се менува на седум дена, а секој петти ден ќе се прави целосна дезинфекција на објектот. Меѓу тие во карантин во „Стон бриџ“ има и мајка со дете, при што на сите таму под посебни услови семејствата можат да им носат потребни работи меѓу 11 и 12 часот.

Со глед на тоа дека многу македонски граѓани кога слушнаа дека ќе завршат во карантин одбија да се вратат, а многумина се обидуваат на разни начини да го избегнат, Рашкоски вели дека не се прават исклучоци. Досега сите што се сместени во карантин се донесени од граничните премини, а само 7 со авион од Полска, но бројот на вториве ќе се зголеми со уредба на владата која ќе отвори пат за ваков трансфер. Вчера Министерството за надворешни работи извести дека тие што ќе дојдат со авион на организиран начин ќе треба да си ја платат авионската карта, а понудена им е можноста за одложено плаќање на рати.

Имало ли отпор од страна на граѓаните кои се ставени во карантин или пак некој инцидент? Рашковски вели дека само двајца се противеле на карантинот, а едниот од нив со зборовите дека „ова е масло на Заев“ и дека се прави – затоа што го сменил името на Македонија!

Владата на вчерашната седница  донесе Уредбата со која законски се овозможи лицата да се ставаат во строга изолација (карантин) и во угостителските објекти (хотели, мотели), отстапени од приватните правни лица, сопственици на објектите.

-За објектите се утврдуваат режимите за обезбедување, посебните простории за лицата кои покажуваат симптоми на вирусот, критериумите за исхрана, доставата на пратки (пакети) за потребите на лицата на кои им е определено мерка строга изолација (карантин), мерките за дезинфекција, работата на персоналот или волонтерите, собирањето смет и други потребни технички работи, извести вчера Владата.

Превозот на лицата на кои им е определена строга изолација (карантин), од граничните премини до објектите ќе се одвива во два термина: во 10 и во 20 часот, а од аеродромите од моментот на слетување. Во превозот се вклучени компаниите „Вардар Експрес“ и „АБЦ“, а автобусите по секое возење се дезинфицираат. (С.Ј.)