Обединетите Арапски Емирати очекуваат финансиска поддршка од САД ако продолжи војната во Иран
Обединетите Арапски Емирати почнаа разговори со САД за финансиска поддршка, доколку поради војната меѓу Иран, Израел и САД се засили притисокот врз финансиите на Емиратите, пишува денеска американскиот весник „Волстрит Џурнал“.
Неименувани претставници на САД изјавија дека на состанокот на гувернерот на Централната банка на Емиратите, Халед Мохамед Балама, со министерот за финансии на САД, Скот Бесент, претставници на министерството за финансии на САД и на Федералните резерви во Вашингтон, била изнесена идејата за финансиска поддршка.
Таквиот аранжман би ѝ овозможил на Централната банка на Емиратите пристап до доларот, со цел во случај на финансиски проблеми да ја зајакне својата валута дирхам или девизните резерви.
Претставниците нагласиле дека разговорите се прелиминарни и дека сè уште не е поднесено официјално барање за поддршка.