ОАЕ, Азербејџан и Бразил создадоа „климатска тројка“
Поранешните и идните домаќини на самитот на ОН за климата, Обединетите Арапски Емирати, Азербејџан и Бразил соопштија дека создаваат нов тристран формат за да се залагаат за меѓународен договор за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови.
Обединетите Арапски Емирати беа домаќини на минатогодишната конференција КОП28 во Дубаи, Азербејџан ќе биде домаќин на овогодишниот самит, а потоа Бразил во 2025 година. Трите земји добија мандат од 198-те потписнички на договорот од Дубаи да работат заедно на патоказ за спречување на глобалното затоплување до 1,5 степени Целзиусови, клучна климатска цел која беше сериозно загрозена од глобалните емисии на стакленички гасови.
– Форматот ни помага да обезбедиме континуирана соработка потребна за да ја задржиме на повидок ѕвездата-водилка од 1,5°C – од Баку до Белем и пошироко, изјави претседателот на КОП28, Султан Ал Џабер.
Земајќи ги предвид тековните климатски ветувања, светот сè уште е на пат да се загрее меѓу 2,5 и 2,9 степени овој век, велат експертите на ОН. Ограничувањето од 1,5°C најверојатно ќе биде достигнато меѓу 2030 и 2035 година, според Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC).
Според конечниот договор постигнат на КОП28, партнерството на тројката треба „значително да ја зајакне меѓународната соработка и меѓународната поволна средина за да ги поттикне амбициите во следната рунда на национално определени придонеси“.