О2 Иницијатива: Државниот инспекторат за животна средина не ја кажувал вистината за цијанидот во Крива Река
ДОМ бара кривична одговорност за одговорните во Тораница - казната е до десет години затвор

-Дента примероци од водата земаа од риболовниот клуб МРЕНА Крива Паланка, а општината следниот ден, за разлика од инспекторите на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), кои не зеле примероци за анализа од водата на Крива Река и Тораница, со цел идентификација на изворите и обемот на загадувањето и не повикале акредитирана лабораторија која би земала примероци и извршила анализа, при состојба на комплетна заматеност и полна со талог на инаку бистрата река. Нивна обврска согласно законот при настаната хаварија е да ги утврдат опасните супстанции кои се присутни, податоците кои се потребни за проценување на последиците од несреќата по здравјето на луѓето и по животната средина.
Дополнително ДИЖС ја дезинформираше јавноста дека на 14 март се излеала само вода од таложникот за јамски води, која не содржи хемиски средства, без да изврши анализа на водата за да тврди такво нешто, со што јавноста беше излажана. Ние истото утро стапивме во контакт со ДИЖС и баравме да излезе инспекција на терен што побрзо и да се земат примероци од водата.
Реката е сериозно загадена и претставува опасност за животот и здравјето на луѓето, со неверојатно зголемени концентрации на штетни материи, десеткратно зголемено присуство на олово, за стотици пати на цијанид, зголемена pH и концентрации на фосфор, азот и останати тешки метали.
- Бараме обвинителство да отвори истрага за случајов, а Инспекцискиот совет и Министерството за животна средина (МЖСПП) да го испита делувањето на инспекторите.
- Бараме од Владата и Собранието да ги изменат законите во насока на јасни ингеренции на инспекторите, зголемена транспарентност при нивното работење, јасно дефинирање на судир на интереси, зголемена одговорност и нивно санкционирање при непостапување.
- Ефектот од ваква хаварија е кумулативен и поморот на живиот свет во Крива Река и Тораничка може да се случи со тек на време, ако не се случил во првите денови. Го повикуваме Природно-математичкиот факултет, Институтот за сточарство и рибарство да излезат на терен и ја утврдат состојбата со живиот свет во овие реки.
- Со оглед дека ова е ТРЕТО прекршување, бараме МЖСПП да ја одземе А интегрираната еколошка дозвола на „Булмак 2016“.
- Во однос на транспарентноста, Решението од инспекцискиот надзор не е објавено согласно законот на веб страницата на ДИЖС. ДИЖС не ги објавува своите инспекциски акти на својата веб страница најдоцна во рок од 5 дена од нивно носење, како и извештаите од извршен инспекциски надзор над субјектите со А и Б интегрирана еколошка дозвола. На страницата објавени се само инспекциски акти од 2023 година, иако законот се применува од крајот на 2019.
- Во однос на денешното соопштение од МЖСПП за случајов, цитиран е министерот Изет Меџити дека законот мора да се почитува. Со оглед дека ДИЖС е сега под наделжност на МЖСПП, очекуваме веднаш да започнат со спроведување на законот и објава на сите инспекциски акти и извештаи од извршен инспекциски надзор над субјектите со А и Б интегрирана еколошка дозвола на веб страницата на ДИЖС.
Според информации на свиркач:
– цевката пукнала поради зголемен обем на работа, не водејќи сметка за стабилноста на објектите како таложници, цевки, јаловишна брана;
– надвисува јаловишната брана без дозвола;
– едниот инспектор на ДИЖС кој вршел увид на терен е бивш вработен на „Булмак 2016“, а на другиот неговата сопруга работела во фирмата.
Со реакција се јави и партијата ДОМ, која го повика градоначалникот да покрене кривична пријава до обвинителство за кривично дело екоцид по чл.218-б од КЗ.
„Согласно кривичниот закон ваквото загадување на животната средина претставува тешко кривично дело против природата и животната средина каде се предвидени затворски казни над 10 години за одговорните лица во правното лице. Владата треба да размисли какви кадри поставува на одговорни функции, кои треба да превенираат идни хаварии“, велат од партијата.