Видиновски со втор соло албум: Ги избегнувам моменталните електронски трендови


Скопскиот артист и диџеј Александар Видиновски в петок, 25 октомври, во клубот „Епицентар“ ќе го промовира својот втор соло албум насловен „Patterns 2“. Видиновски, по две години откако го издаде првенчето „Patterns“, се навраќа да ја доврши креативната целина.
– Ако во првиот албум главна тема ми беше просторот, во овој тоа е времето. Идејата беше преку осум песни да се обидам да направам музика со која ќе опише една рејверска вечер. Започнуваме рано и завршуваме рано. Како и во претходниот албум, и во овој се обидов да избегам од моменталните трендови во електронската музика да се концентрирам на тоа што секогаш ме интересира, а тоа е основата. Кај нас албумот ќе биде издаден на „ПМГ рекордингс“, а за надвор на „778 феквенси“. Промоцијата ќе биде во клубот „Епицентар“ во Скопје, каде што ќе настапиме јас и Мирко Попов. Веќе следниот ден продолжуваме во Куманово во „Бар трговски“, а следните недели и низ другите градови – вели Видиновски.


Во односа на денешната електронска сцена во земјава и каде се наоѓаа таа, Видиновски ја опишува како чудна.
– Имаме многу клубови како никогаш досега, промотери исто така, но и луѓе кои се нови во нашата сцената и организираат настани. Тоа што мене најмногу ме радува е што продукцијата на современа македонска електронска музика оди одлично. Сè повеќе артисти и млади и повозрасни продуцираат и издаваат електронска музика, која во најмала рака може рамноправно да се носи со таа што доаѓа од европските метрополи – вели тој.
Видиновски по завршувањето на неговата мини-турнеја, ќе се посвети на проекти кои веќе подолго време ги подготвува, а најавува и нови изданија.