O tempora, o mores
Звонко Давидовиќ
Седам на плоштадот „Македонија“ во „Пелистер“ и го пијам утринското кафе. Градот полека се буди и раздвижува како и секое утро, нерасонети лица протрчуваат покрај мене, намуртени брзајќи на работа. Сонцето блеснало, го избањало во злато плоштадот, односно она малку што останало од него и полека ги загрева плочите кои ги заменија дрвјата и тревата. Ги гледам спомениците поставени на секој десет метри во сите големини и стилови и барокните зданија од гипс картон како сведоштво на едно безумие.
Сликата што ја гледам пред себе не е слика на мојот град, слика на моето Скопје. Пробувам да се сетам како изгледаше плоштадот и мојот град пред да му се ампутира душата. Сеќавањата полека навираат и спомените будат слики на луѓе, настани, на многу нешта по кои Скопје беше препознатливо. Се прашувам што се случи со градот, со луѓето во него, како за олку кратко време Скопје од симбол на солидарноста стана симбол на кичерајот и невкусот. Му се случија на мојот град луѓе кои не се овде родени, кои немаат спомени, луѓе на кои ништо градот не им значи освен можност за заработка и сопствен ќар. Никогаш тие луѓе не се собирале пред „Рекорд“, ниту оделе во „Огниште“ и „Мусандра“, никогаш не седеле на кејот на Вардар до Камениот мост и ја слушале реката како тивко тече, никогаш не јаделе сендвичи кај „Чичко Стоилко“ и грицкале семки од кај „Зуко“ шетајќи под липите кои мирисаа на пролет.
Истите тие луѓе не знаат ни што е „Кермес“ ни „Опатија“, не слушнале за Славе Биљбиљ, Кенан и никогаш не слушнале дека Жан Пол Сартр со Симон де Бовоар седеле во сепарето во ресторан „Македонија“. Не знаат тие луѓе уште многу нешта за мојот град, не затоа што немале можност да ги дознаат, туку затоа што тоа не ги интересира. Нивните интереси се од многу поинаква природа, финансиска и материјална.
Водно за скопјаните е симбол за зеленило, чист воздух, место за одмор и излет, место каде во врелите летни денови е убаво човек да избега во природен лад под крошните на старите костени, но за овие други луѓе кои изминативе децении управуваа со градот и му ја зедоа душата, Водно е симбол за градежни парцели, можност за полнење на сопствените џебови, ризница за создавање капитал на нечесен начин. Кога човек ќе го погледне Водно денес, срцето му се стега гледајќи го онака оскатено, обесшумено и пресечено со лузни кои му се направени ѕверски и без трошка каење.
Во она старо, нормално Скопје, ветриштата се спуштаа низ падините на Водно и го прочистуваа градот, го плакнеа и му ги полнеа белите дробови со свеж воздух. Во ова сегашно Скопје по терк и мерило на урбано-мафијашки јабанџии Водно е изолирано и заградено со ѕид на згради кои потсетуваат на онаа заштитна ограда на средновековните замоци која не дозволувала ништо да влезе во градот. И тоа им било малку па од другата страна на булеварот спроти Капиштец, а кај бивша „Алумина“ се гради уште еден ѕид од згради сосема да се затворат ветриштата и воздухот од Водно. Најверојатно градските очуви се грижат за нас скопјаните да не нѐ убие промаја.
Ги нема повеќе ни тополите вдолж улицата „Иво Лола Рибар“, која сега се вика „Теодосиј Гологанов“ и на која се сушат палми. Исчезнаа тревниците на кои некогаш како деца игравме фудбал или едноставно лежевме гледајќи го небото и облаците. Одамна не сум слушнал детска смеа и ритмичко пеење додека се скока на ластик ниту пак сум видел расфрлани училишни ранци кои служат како стативи додека децата играат фудбал. Нема детски џагор и викање додека се бркаат или играат долга магарица затоа што веќе нема ни трева, а ни деца. Ми се чини дека денес децата и не се раѓаат мали и безгрижни, туку се раѓаат со училишен ранец на искривениот ‘рбет со мобилен телефон во рака и профил на „Инстаграм“.
Незамисливо беше утринското кафе некогаш без весник во рака кој тивко шушка и од кој се шири мирис на свежа печатарска боја. Имаше весници за сечиј вкус, но сите служеа за информирање и за едуцирање, во нив се пишуваше за постигнувања и достигнувања, не за разочарувања, пишување за успеси, а не неуспеси, за градења, а не за разурнувања. За најмалите, а богами и за повозрасните имаше стрипчиња, „Микијев забавник“, „Политикин забавник“ и сите весници се купуваа на весникарите кои ги имаше низ цел град. Денес во Скопје нема „Политикин забавник“, а и весниците се намалија и сведоа на само три весника со вкупно десет листа кои можете да ги купите само во тобако ако имате среќа да најдете некое од нив.
Некогаш за викенд се одеше на излет во Сарај, на Четири воденички, Матка, Кучково, езерото „Треска“, се седеше на трева и се распалуваа скари, луѓето се поздравуваа и наздравуваа, се шегуваа и смееја. Денес повеќе и нема трева на која можеш да седнеш, а луѓето ниту се смеат ниту се поздравуваат, едноставно секој секого одминува со наведната глава. Комшија со комшија не се познава ниту знаат ниту сакаат да знаат дека живеат еден до друг, а некогаш комшиите живееја еден со друг и се дружеа и внимаваа и на станот кога сте на одмор, а и на цвеќето кое редовно го поливаа додека не се вратите. Зградата во која живеете некогаш беше заеднички дом и заедничка обврска на сите станари и комшии, а денес не е ничија обврска и грижа, денес не е можно сите да се договорат и да се грижат за својот дом, туку за тоа мора да ангажираат некој трет кој воопшто не живее тука.
Вардар никогаш не бил пловен и на него бродови и дереглии никогаш немало, но некогаш луѓето се бањале во чистите води на реката и се сончале на неколкуте скопски плажи. Денес никој не се бања во Вардар, но плажи за една сезона и еднократна употреба со многукратна заработка се направија и денес служат само за подбив и потсмев. Ни денес по Вардар ништо не плови и не е пловен, но се поринати и укотвени неколку гусарски галии пристигнати од некој ќош на некој помрачен ум.
Со години наназад улиците во градот се прошируваа, што е и нормално за град кој расте, но она што не е нормално е што сите дрва кои ги красеа улиците се исекоа, а нови не се засадија. Скопје од еден убав раззеленет град кој мириса на цвеќиња стана град на сивило и бетон кој мириса на криминал и измама.
Само во Скопје се уништува и разнебитува сето она што било симбол на градот, а што и не сме го направиле ни изградиле сами. Многу од градбите кои беа подарок на градот по земјотресот од братските земји во знак на почит и солидарност повеќе не постојат и покрај тоа што нови згради со истата намена не се направени и нема ни да бидат направени. Универзалната сала, во која беа одржани многу концерти, денес е препуштена на забот на времето и заборавот, а концертите се одржуваат во спортска сала која не е наменета за тоа.
Секој град на планетата земја го чува она старо јадро на градот, љубоморно и грижливо чувајќи го своето минато, својата историја, своите корења. Само тој што ја чува својата историја и своето минато вложува и ја чува својата иднина. Како ни се случи ова нас да бидеме граѓани без својот град, да бидеме луѓе без своето минато кои чекорат кон магливата и неизвесна иднина? Што е тоа што ни се случи, па од симбол на солидарноста нашиот град стана симбол на кичерајот и невкусот.
Му се случија на мојот град луѓе кои не се овде родени, кои немаат спомени, луѓе на кои ништо градот не им значи освен можност за заработка и сопствен ќар. Дојдоа луѓе без морал и љубов, без идеја и визија да управуваат со овој град, дојдоа голи, боси и необразовани за да се збогатат, а нас да нѐ осиромашат духовно и историски.