Прво метла, па инфузија на „Бихаќска“: Заев сака да ја освежи партијата


Почитта се заслужува, искреноста се цени, довербата се стекнува, лојалноста се враќа. Вака Мухамед Зекири ги прокоментира повторното назначување од страна на лидерот на СДСМ, Зоран Заев за потпретседател на партијата откако беше разрешен со „метлата“ кон крајот на мај. Зекири, заедно со министрите Оливер Спасовски и Дамјан Манчевски, добија уште една шанса на потпретседателските места, додека за Петре Шилегов, Фросина Ременски и за Благој Бочварски, чистката пред три месеци значеше и дефинитивно збогум од функциите. Потпретседатели станаа и министерката Мила Царовска, како и авторот и ПР-експертот, Коста Петров.

Ременски, која се споменува во контекст на соработка со Бојан Јовановски и со неговата невладина „Меѓународен сојуз“, вчера не одговараше на повиците ниту на пораките. Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов вчера беше на отворањето на градежните работи на улица „23 Октомври“ (поранешна „Владимир Комаров“) во Аеродром.

Од друга страна, влезница за друштво меѓу елитните социјалдемократи изненадувачки добија Петров и сопственичката на „Групер“, Нина Ангеловска, која ќе стане нов министер за финансии.

Петров, кој е автор на песната со која Тамара настапи на овогодинешната Евровизија, одлучил да влезе во политика за да се обиде да направи нешто подобро, а не само да стои настрана и да коментира. Тоа што нема никакво искуство во политиката го смета за свој најголем адут. Професорката Мирјана Најчевска иронично забележа дека немањето искуство во балетот беше и нејзиниот најголем адут во првиот настап во улогата на белиот лебед.

Не знам зошто уште не сум поканета да ја продолжам мојата кариера како балерина. Можеби затоа што сега имам преголемо искуство?“, коментира Најчевска.

И Ангеловска сега ќе влезе во водите на политиката. Нејзиното име се споменуваше во контекст на потпретседателското место во партијата уште пред два месеца, но по малку изненадувачки е што премиерот Заев за неа го одредил местото што до смената го држеше Драган Тевдовски.

Ова е показател дека младите добиваат шанса и треба да останат во Северна Македонија и да се трудат и да работат, со што ништо не е недостижно, па така и највисоките функции во извршната власт. Млади – работете, ангажирајте се, бидете видливи, борете се во оваа наша земја и високите позиции се достапни за сите граѓани“, додаде Заев.

Заев најави и дека Елизабета Наумовска ќе биде номинирана за заменик министер за образование. Актуелниот заменик-министер за економија Кире Наумов ќе ја предводи Банката за развој, а Кире Колемишевски ќе биде новиот заменик-министер за економија, додека Неџат Мехмедовиќ ќе биде заменик-министер за политички систем.

Сакам да испратам порака прво дека се добива шанса за бошњачката заедница преку учество на позицијата заменик-министер за политички систем и односи меѓу заедниците. Се работи за млад и перспективен кадар преку кој сакаме да испратиме порака за младите луѓе да работат, да се трудат, да бидат препознаени од државата, Владата, општеството ги препознава и дава сериозни функции. Преку Колемишевски и Наумовска испраќаме сериозна порака на стручни луѓе кои може да дадат сериозен придонес и во економијата и во Министерството за образование и наука, а секако и преку кандидатот за министер за финансии – Ангеловска, која е еден од основачите на ‘Групер’, добитник на „Форбс 30“, доктор на економски науки од УКИМ, која во регионот и светот е позната. Верувам во нејзиното осумгодишно искуство да биде основач, да направи перспективна компанија во модерните технологии која е препознаена во целиот регион и пошироко“, истакна Заев.

Дел од круговите блиски до СДСМ не го делат баш неговиот оптимизам и коментираат оти именувањето на Ангеловска е уште една победа на бизнисот врз идеологијата во партијата со левичарски предзнак.

Сепак, аналитичарот Петар Арсовски смета дека преку новите кадровски решенија Заев сака да испрати неколку пораки, но и да внесе свежа крв во партијата.

Станува збор за микс од пораки. Првата е дека старите и проверени кадри се доказ за стабилноста на СДСМ. Втората е дека преку новите млади лица се внесува нов бран со кој сака да каже оти и луѓе што не се партиски и се од бизнисот, добиваат шанса на високи позиции да покажат што знаат и умеат. Заев сака да ѝ даде инфузија на партијата“, анализира Арсовски.

Костадинов: Промените немаат врска со „Рекет“

Костадин Костадинов, портпаролот на СДСМ, изјави дека завчерашните кадровски промени и освежувања во партијата, во чии рамки некои довчерашни функционери ги загубија позициите, немаат никаква врска со истрагата што ја води обвинителството за случајот „Рекет“.

Немаме никаква намера да штитиме кој било, за кого во транспарентна постапка ќе се утврди дека го прекршил законот, вклучително и за членови и на СДСМ. Но на ниту еден можен начин тоа не може да го поврземе со промените што се случуваат во СДСМ и ќе се случуваат затоа што нашата намера е јасна. Промените се сосема нормална појава за една демократска партија каква што е СДСМ и тие на ниеден начин не можат да бидат поврзани со која било афера што се случува во државата или би се случила“, рече Костадинов.

Арсовски: Поискусните го одбија премиерот

Во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека последните кадровски промени во СДСМ се последица на тоа што премиерот е во длабок очај поради скандалот „Рекет“, кој според опозицијата тој лично го раководел.

Дали ќе успее да се оттргне од случајот – не знаеме, тоа зависи колку му се долги пипците во судството. Но, во однос на назначувањето на нови луѓе, нашите информации говорат дека многу поискусни луѓе добиле понуда од негова страна да бидат на местото на кое беа назначени овие двајца кои ги промовираат како подмладени кадри, меѓутоа бидејќи поискусните се свесни дека оваа влада е осудена на пропаст и е заглавена во тежок криминал, и го одбиле“, тврдат од опозицијата.

Според оваа партија, Мухамед Зеќири нема ништо направено изминатиов период, а Оливер Спасовски е еден од најголемите неработници – министри во државата, додека криминалот и корупцијата цветаат. Имаме еден милион нерешени убиства и случаи во МВР.

„Тука е и Дамјан Манчевски од кој не видовме буквално еден проект кој е за благосостојба на граѓаните. За не повеќе од година дена следува смена на оваа власт и само би можел да им порачам дека жално е што едни кариери кои допрва требаше да почнат да се градат, ќе завршат многу лошо“, прокоментира Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Горан Адамовски