Наместо да ја чкрта, Милошоски треба да ја става „Северна“ во заграда


Храбар потег направил пратеникот Антонио Милошоски. Ексшефот на македонската дипломатија на социјалната мрежа Твитер објави фотографија од акредитацијата што ја носи околу вратот како дел од делегацијата на македонското Собрание на пролетната сесија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, со пречкртано „Северна“ од името на државата што ја претставува.

Модерниот гемиџија, кој тргнал со пенкало по светот да исправа неправди, својот „субверзивен потег“ сака маркетиншки да го продаде како гордост која треба да се јави кај секој Македонец, па вели: „Македонија/Macedonia е името на народната волја, согласно референдумите од 1991 и 2018 година! Искористи ја за таа цел секоја можност, секоја акредитација, секој потпис и обележје, дома и во странство, во име на правото на самоопределување и достоинството на секој Македонец!“, ќе напише Милошоски.

Сепак, тој не ѝ кажа на јавноста дали на масата во ПС на Советот на Европа, каде што е заедно со шефот на делегацијата Бетиане Китев и пратеничката Шпреса Хадри, стои картичка на која пишува Република Северна Македонија или отишол до крај со храброста, па и тука решил да ја замачка географската додавка.

Ваквите патриотски изливи не се некоја новина за Милошоски, кој збор не изусти кога неговата партија во регистарот на Европските народни партии беше заведена како политички субјект од Северна Македонија, камоли така онеправдан да предложи повлекување.

Свежи се сеќавањата кога на крајот на 2014 година, исто така, на својот фејсбук-профил објави фотографии од искачувањето на Олимп каде што го вееше знамето од Кутлеш, што очекувано предизвика реакција на официјална Атина.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Константинос Кутрас, објави тогаш пишана изјава во која се вели: „Му благодариме на господинот Милошоски што ја посети нашата земја и што се фотографираше во Грција со сонцето од Вергина, грчки национален симбол. Не го охрабруваме, сепак, тоа да го направи во неговата земја, затоа што тоа ќе биде уште една повреда на Привремената спогодба и на Меморандумот за практични мерки“. Кутрас уште додаде: „Провокациите можат да ги оправдаат грчките ставови против секаков иредентизам, но тие не помагаат никому, секако не на ПЈРМ и на нејзиниот народ“.

Индивидуалните испади на Милошоски беа компатибилни со стратегиските политики на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ која се впушти во реализација на процесот на таканаречената антиквизација (преименувања на аеродромот и автопатот, изградба на споменици) што требаше да го редефинира нашиот национален идентитет. Тоа беше опасно проблематично и на одреден начин влијаеше на уривање на позициите на македонската страна во преговорите.

И сето тоа можеби ќе беше во ред за нечии очи и уши доколку „бомбите“ што ги објави тогашната опозиција, а сега власт, не ја разобличеа тврдокорноста на Милошоски и тогашното лидерство на ВМРО-ДПМНЕ во поглед на промената на името. Во тој сет прислушувани разговори се пренесоа дел од преговорите за името водени зад затворени врати и надвор од преговарачкиот процес под покровителство на ОН. На прес-конференцијата на која ги обелодени овие разговори, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, рече: „Тоа се подземни пазарења во кои е инволвиран Никола Груевски, со подземни посредници од негова доверба во Македонија и посредници од негова доверба од нашиот јужен сосед Грција“. Во разговор помеѓу Антонио Милошоски, Никола Груевски и Сашо Мијалков кој, пак, е вклучен во тројната дискусија преку интерфон, Милошоски лицитира со неколку имиња.

„Ние да додадеме некоја политичка референца – независна, демократска, суверена, некоја, пред република, а тие да одберат нешто што би стоело плус во заграда – северна или… Ние сме сепак независна и суверена држава и прави одредена политичка дистинкција и има уште една компонента која е географска и ја прави дистинкцијата на која тие инсистираат. Значи, сложено име, посложено здравје, ќе може некако да го продадеме кај своите дома“, му вели тој на тогашниот свој шеф, а сега политички азилант во Унгарија, Груевски.

На прашањето на Груевски: „Ама на референдум кога ќе го ставиме на што ќе личи, а не за после?“ Милошоски одговара: „Е, сега проблемот е што, краткорочно, кога на луѓево ќе им го понудиме на референдум ќе речат добро што е сега ова, вие за една референца зборувавте, а сега како Обединети нации 5-6 додавки и придавки. Посложено ќе испадне од привременава што ја имаме сега. Ама, ако се гледа долгорочно напред, за 5-10 години, заградата си отпаѓа и си останува тоа што ќе биде – независна, суверена или нешто слично“, ќе рече Милошоски.

Судејќи според разговорите, посоодветно на неговите размислувања ќе беше „Северна“ во Стразбур да ја стави во заграда наместо да ја пречкртува. Сè додека не го разбере она што го кажува и претседателскиот кандидат на неговата партија Гордана Силјановска – дека новото име е правен факт, не само реален и дека тој во Стразбур не е изолиран индивидуалец туку претставник на државата.

Дотогаш што ново во поблиска иднина може да очекуваме од Милошоски, кој, да речеме, во своите поетски изливи го портетираше кодификаторот на македонскиот јазик Блаже Конески – првото име на нашата модерна уметничка и интелектуална мисла како „џуџето од Небрегово“? Можеби да ги чкрта 500-денарките од собраниската плата кои ќе бидат во оптек од Нова година… Има време да размисли „моќникот“ кој во тешките преговори деновиве се бори за „моќно“ СЈО.

Наум Котевски

 

Заев: Милошоски направи казниво дело

Потегот на пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Антонио Милошоски со чкртањето на „Северна“ од името на неговата акредитација од Советот на Европа, за премиерот Зоран Заев е „безобразен“ , со тоа „прави казниво дело“ и испраќа порака до сите да не го почитуваат Уставот. Заев беше прашан да го коментира однесувањето на Милошоски.

„Уставот е светост во секоја земја, така и во нашата земја. Да не си играме играчки со вакви аспекти, заради тоа што за пусти политички поени или себепромовирање, некогаш нанесуваме непоправливи штети“, рече Заев и потсети на процесот на уставните измени.

„Нашата земја имаше сериозна, суштествена не така лесна дебата. На крајот Парламентот одлучи Уставот да се промени. Уставот се промени како резултат на Договорот од Преспа, но и како резултат на нашите аспирации за членство во НАТО и ЕУ. Денеска тоа е наша реалност. Не смееме да си играме со важните документи“, рече Заев.