Аферата „Кокаин“ не попушта: Тестирањето политичари за дрога се сели од држава до држава


Во пресрет на вториот круг од неодамнешните претседателски избори во Украина, двајцата кандидати Петро Порошенко и Володимир Зеленски го прифатија предизвикот на јавноста и се подложија на тест за употреба на алкохол и дрога. Порошенко, кој настапи од позиција претседател на државата, се тестираше во лабораторијата на Олимпискиот стадион во Киев. Зелински, пак, кој подоцна и победи на изборите, реши да направи тест во приватна медицинска установа поради страв дека Порошенко преку своите луѓе во јавното здравство ќе му подметне лажирани резултати. На крајот излезе дека и двајцата се чисти.

Иницијативите за проверка на здравјето на политичарите не се новост во Европа и во светот, па ниту во нашиот регион. Пред неколку години младите од Демократската партија на Србија му пишаа на претседателот на тамошното собрание да ги стави пратениците на тест за дрога. Иако добиваа главно позитивни коментари од политичките партии, идејата не заживеа никогаш.

„Срамота е што предложија такво нешто. И навредливо, затоа што се подразбира дека пратениците ја заслужија довербата од граѓаните. Инаку, надвор од собранието сме подготвени во секое време да се тестираме“, беше една од впечатливите партиски реакции што излезе од Либерално-демократската партија.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во 2014 година се заложи за задолжителни тестови за политичарите, но и за новинарите.

„Политичарите, новинарите и сите други што извршуваат должност од доверба на народот мораат да бидат опфатени од тестот за наркотици. Јасно е дека на оние што консумираат дрога не можеш да се потпреш во борбата против неа“, беа аргументите на Орбан, кои не поминаа во јавноста и покрај неговиот познат автократски начин на владеење.

„Предлогот сугерира дека медиумските работници се некој вид изопачен народ“, се налутија од медиумската заедница.

Случајот со пратеникот Павле Богоевски ја распали расправата дали тестовите за дрога треба да влезат и во македонското Собрание. Парламентарниот спикер Талат Џафери одговори дека нема правен основ според кој би се реализирала иницијативата на независните пратеници. Џафери напоменува дека тој не може и не смее да постапува надвор од своите законски овластувања. Немаше ни во Украина, па претседателските кандидати го направија.

Тито Петковски, кој раководеше со Собранието во периодот од 1996 до 1998 година, се присетува дека и до него пристигнувале иницијативи за задолжителни здравствено тестови за пратениците.

„Главно стигнуваа од опозицијата. Пример, ќе имаше некоја пожестока расправа во која ќе имаше и навреди, па ќе се побараше потврда од здравствена установа. Па дури и за психолошката состојба. Тука можеби има една недоследност, на пример, за вработување на кое било друго место се бара таква или слична потврда, додека во политиката тоа не е случај. Но, затоа што не постои таква правна можност, спикерот Џафери е апсолутно во право што не постапува по иницијативата. Тој не смее да постапува надвор од Деловникот и своите надлежности. Здравствената состојба е право на пратеникот, да се грижи за себе и да биде здрав, но тука веќе зборуваме за нивната морална одговорност“, ни изјави Петковски.

И неговиот претходник на претседателското столче во парламентот, Стојан Андов, се согласува дека во моментов нема правна регулатива според која Џафери би можел да дозволи тестирање за дроги.

„Ама треба да изгласаат таков пропис. Не може да биде добро или нормално доколку пратениците употребуваат дрога“, смета Андов и коментира дека во времето кога бил претседател на Собрание немало такви иницијатива оти, како што вели, „немаше потреба, не дававме повод, ни на крај памет не ни беше дека некој се дрогира“.

ВМРО-ДПМНЕ и вчера бараше Богоевски да се повлече од функцијата пратеник поради морални и здравствени причини.

„Ние не сакаме избраник на граѓаните да носи одлуки со поматена свест“, повторија од најголемата опозициска партија.

Tестирањето во МАНУ – 60.000 денари

Постојат различни видови на тестови за дрога, а нивната цена се движи од неколку евра, па до 60.000 денари. Најевтините може да се најдат и во аптеките, се тестираат на урина и резултатите се добиваат за неколку минути, слично како и при бременоста. Посложените тестови ја проверуваат присутноста на дрогата преку примерок од косата што треба да биде извлечен со коренот. Овие контроли се вршат во подобро опремените клиники, при што вработените го земаат примерокот на самото место.

„Павле тврди дека бил подготвен да му се направи тестирање. Да ти дадам бесплатен совет од адвокат: немој! Или штом веќе си одлучил, се нудам да помогнам да си ја докажеш теоријата. Не со тестови од 200 денари или крв и урина. Ти предлагам да одиш во лабораторијата на МАНУ, таму прават тест од влакна од коса и има да ти извадат историјат каков тип млеко си пиел, а не какви наркотици си употребувал или не. Тоа тестирање чини 60.000 денари и се нудам јас да го платам“, порачува адвокатот Јанаки Митровски.

Марихуана и кокаин во италијанскиот парламент

Еден од највпечатливите случаи со проверка на зависноста од дрога кај политичарите е забележан пред десетина години во Италија. Новинари на контроверзната емисија „Хиена“, кои успеаја да откријат голем број криминални афери на политичарите, ги подложија пратениците во италијанскиот парламент на тестови за наркотици без нивно знаење и согласност. Имено, претворајќи се во новинари на „една сателитска телевизија“, ги „замолија“ пратениците да им дадат изјава во врска со финансиските реформи што беа актуелни тој период. Притоа, ги уверија дека ќе мораат да им стават малку шминка бидејќи се испотени. „Шминкерката“ ги помина политичарите по челото со специјална пудра, која, всушност, е тестер за употреба на дрога што покажува дали користеле марихуана или кокаин во последните 24 часа. Резултатите биле шокантни: од 50 парламентарци, 12 биле позитивни на марихуана, а четири на кокаин. Следуваше бура во италијанската политика.

„Новинарите на ‘Хиена’ се симпатични, но ова е лош рекламен потег. Резултатите не можат да бидат земени со сигурност“, се жалеше Пјер Фердинандо Казини, водач на Националниот сојуз.

Имињата на пратениците никогаш не беа јавно соопштени бидејќи надлежното државно тело констатираше дека им се загрозува правото на приватност.

 

Заев: Приватна работа на Богоевски

„Она што во приватниот живот на одредена личност нема рефлексија врз извршувањето на неговата јавна функција, за мене е негово лично право. Затоа и мојата политичка партија соопшти дека тоа е негово лично право, негова лична одговорност и етичко однесување. Неговото работење во парламентот е успешно. Тој е еден од активните учесници во парламентот и учествува во комисиите. Каква и политичка одлука да донесе, ќе ја почитувам“, вели премиерот Зоран Заев коментирајќи го случајот со пратеникот Павле Богоевски. Заев рече дека е транспарентен човек, кој секогаш повикувал на одговорност, разрешувал луѓе, функционери, директори…

„Направил обид за да набави лек за својата сестра, не сум имал можност да се видиме, но ќе се видиме. Треба да биде еднаков како сите, но се пријави и самиот и го пријави и таксистот. Јавно настапи и транспарентно, не го бранам, но како што се зборува за сите така и за него“, рече Заев.

Горан Адамовски