Годинава ќе возиме по два нови автопати
По застојот на градежниот бум во изминатите години, пред сѐ поради политичката криза, новата влада има амбициозни планови за патната инфраструктура. Освен што годинава по повеќе од две децении конечно ќе возиме по два нови автопати, се интензивира градбата на експресни и регионални патишта во Македонија. Бизнис-заедницата неколкупати алармираше дека за раст на економијата неопходни се големи инвестиции во патната инфраструктура.
Според последните најави од Владата, за три месеци, поточно во март, ќе биде пуштена во употреба автопатската делница од Демир Капија до Смоквица, која е дел од Коридорот 10.
Шест месеци подоцна, во септември, ќе биде готов уште еден автопат, од Миладиновци до Штип, прв по подолго време изграден на истокот од државата.
За третиот автопат што се гради на западот на Македонија, од Кичево до Охрид, поради настанатите проблеми на терен, по нов асфалт ќе возиме за три години, дури во 2020 година.
Прочуената автопатска делница долга само 28 километри, од Демир Капија до Смоквица, еве петта година како се гради. По неколкукратно пробивање на роковите, последната најава од Владата е дека конечно во март следната година ќе возиме по нов асфалт. Нејзината изградба чини 280 милиони евра, дел европски, а дел буџетски пари. Овој автопат требаше да биде готов уште ланскиот март, но со анекс на договорот рокот беше продолжен бидејќи требаше да се изврши дислокација на 400-киловолтниот далновод, како и изградба на контролниот центар во Неготино, што не биле предвидени од страна на претходната влада.
Автопатот, пак, од Миладиновци до Штип, долг 47 километри, со кој драстично ќе се намали времето на патување до источна Македонија, првично требаше да биде готов минатиот мај. Според анексот на договорот што го потпиша Владата, по нов асфалт кон истокот ќе возиме дури наесен. Вкупната вредност за неговата изградба е 206 милиони евра.
Изградбата, пак, на третиот автопат што се гради во државата, од Кичево до Охрид, сѐ уште е проблематична. Делницата долга 57 километри, чија изградба требаше да чини 375 милиони евра, поради грешка во трасата веќе неколку месеци не се гради. Владата преговара со изведувачот, кинеската компанија „Синохдро“, уште колку пари и време ќе бидат потребни да се заврши. Последната информација од Министерството за транспорт и врски беше дека во јануари ќе треба да се потпишат два анекс-договори со „Синоходро“, едниот за продолжување на рокот, а другиот за дополнителните финансиски средства што ќе бидат потребни. Првичните проценки беа дека изградбата ќе биде комплетирана најдоцна до октомври 2019 година.
Освен на нови автопати, се работи и на реконструкција на постоечките, кои веќе неколку години се оштетени, а сега ќе добијат нов асфалт. Така, следната година ќе биде завршена реконструкцијата на автопатската делница од Неготино до Демир Капија и од Миладиновци до Куманово, за кои се очекува да бидат целосно обновени ова лето.
Се проектираат нови автопати
Од Министерството за транспорт и врски велат дека интензивно се работи и на автопатите што се предвидени за изградба. Така, во буџетот за оваа година се предвидени средства за проектирање на автопатот од Гостивар до Кичево, но и за автопатот од Скопје до граничниот премин Блаце.
За автопатот од Кичево до Гостивар, кој беше најавуван неколку пати од претходната влада, сѐ уште нема рокови кога би почнал да се гради ниту обезбедени средства, но според проекциите се очекува дека градежните активности би започнале дури следната година.
За автопатот до косовската граница, кој е еден од најголемите барања на бизнис-заедницата, кога станува збор за инвестиции во инфраструктурата, се предвидува дека ќе биде проектиран годинава, а плановите се исто така годинава да се почне со негова изградба. Од Министерството за транспорт и врски велат дека изградбата на овој автопат во должина од само 13 километри е врвен приоритет на Владата и дека во моментов се прави репроектирање на веќе изработената проектна документација.
– Во 2016 година е потпишан договор за допроектирање на автопатот, но за да не ни се случи она што се случува со останатите автопатски делници, решивме да ги видиме сите можности и да ги отстраниме пропустите што евентуално би се јавиле во изградбата. Затоа добивме околу еден милион евра со кои треба да се направи репроектирање за да се избегнат пропустите во проектната документација – изјави министерот Сугарески пред крајот на минатата година.
Тој посочи дека е предвидено изместување на трасата на автопатската делница во делот на индустриските зони, а дополнително има и репроектирање на дел од тунелите.
Експресните патишта приоритет за годинава
Но, освен автопати, фокус во наредните две години ќе се стави и на изградбата на експресните патишта.
Од Министерството за транспорт и врски информираат дека на почетокот на годинава ќе започне изградбата на експресниот пат од Штип до Радовиш, кој треба да биде готов за две години, до 2020 година. Вкупната инвестиција изнесува 28 милиони евра, а вкупната должина е 23,5 километри.
Со забрзано темпо се гради и експресниот пат од Градско до Прилеп. Завршена е првата фаза од Фарош до Дреново, а оваа делница треба да биде готова до 2020 година. Вкупната должина е 33,5 километри со проценета вредност од 70 милиони евра.
Во тек е изградбата, исто така, на експресниот пат од Штип до Кочани, кој треба да биде готов до 2020 година. Вкупната должина на оваа делница е 28 километри, а вкупната инвестиција е 20 милиони евра.
Годинава треба да започне и изградбата на експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка, за што веќе е избран изведувач, а градежните работи се очекува да започнат во февруари. Оваа делница е во должина од 28 километри, а инвестицијата е проценета на околу 30 милиони евра. Покрај тоа, во тек е реконструкција на регионален пат Кочани до Делчево, од Гостивар до Кичево, како и државниот пат Мост-Близанско-Калуѓерец во Македонски Брод.
Од Министерството за транспорт и врски информираат дека во моментов на терен се работи на реконструкција на државните патишта од Петровец до Миладиновци, од Кадино до Хиподром, потоа од Сарај до Групчин, од Берово до Струмица, како и државниот пат од Валандово до Струмица.
Александра Спасевска