ТВ-водителката Лила Филиповска е кралица на квизовите: Го чекам милионерот

Над 20 години е убавото ТВ-лице кое го гледаме на екраните. Лила Филиповска, со својата сериозност и професионалност е институција во водителската професија. Со својот стил, изглед и приватен живот е во фокусот на вниманието на социјалните мрежи. Веќе седма сезона во македонските домови со квизот „Сѐ или нешто“ носи среќа, забава и пари.

Колку години си во водителството?

– Веќе не ни бројам, застанав кај 20 год, ама знам дека на тоа има уште едно 3-4 години.

 Долги години водиш квизови?

– Мојата популарност ескалираше токму со квиз. „Енигма“ беше мојот прв и многу омилен квиз, кој беше пандан на квизот што го одбележа моето детство, „Квискотека“. Потоа имав години каде што водев ток-шоуа и забавни емисии, за последниве години повторно да ѝ се вратам на мојата прва љубов – квизот.

Колку години „Сѐ или нешто“?

– На квизот „Сѐ или нешто“ ова му е седма сезона. Интересно е што секоја наредна сезона е сѐ погледана од претходната. Тоа значи дека имаме одличен производ. И да ја искористам оваа пригода да им се заблагодарам на сите наши редовни гледачи поради кои постоиме сите овие години.

Што е толку привлечно во шоу-квизовите?

– На луѓето отсекогаш им било интересно да се натпреваруваат. Неизвесноста е таа што ја држи публиката прикована за малите екрани. Без разлика дали се натпреваруваат за знаење, пари или нешто трето, квизовите имаат една посебна магија која ги интригира гледачите години наназад. Во нашиот квиз учествуваат луѓе од секојдневието, реални ликови, нема глума, има многу забава, а плус и пари, па очигледно сме го погодиле вистинскиот рецепт.

Се подготвуваш ли однапред? Водиш квиз со гости, претпоставувам има непланирани ситуации?

– Можеби гледачите имаат чувство дека е толку едноставно што само влегувам во студио и си правам муабет. Со оглед дека снимам по неколку емисии дневно, тоа пред сѐ подразбира моја максимална психичка подготвеност. Повеќето од нив првпат се пред камери, некои се возбудени, некои имаат трема, некои се збунети, изгубени, што значи дека од сите нив треба да успеам да го извлечам најдоброто, во спротивно ќе немаме емисија. Сите тие имаат напишанa биографија која ми дава информации за нив, а јас го вадам најинтересното!

Дали натпреварувачите навистина веруваат во среќата и дали веруваат дека ти им ја носиш?

– Луѓето се многу интересни, ги има различни. Некои доаѓаат со амајлии, икони, среќни предмети, некои веруваат во својата интуиција, некои во среќни броеви. Во овие 7 сезони имавме многу интересни луѓе и приказни, и да… некои веруваат дека јас сум им среќата. За некои сум среќна, за некои не… (се смее)

На времето среќата ја носеше Натали, сега тоа е Лила. Дали споредбата ја прифаќаш и дали е голема одговорноста како дама, која носи сѐ или нешто во животот на секој кандидат?

– Логично е луѓето да се врзуваат за ликот кој на некој начин ненамерно ја креира нивната среќа. Факт е дека среќата е пред сѐ нивна, но ние сме нивни медијатори. Убаво е чувството кога знаеш дека луѓето ги потсетуваш на нешто убаво и те поврзуваат со убави нешта. И да, одговорноста е огромна.

Навистина ли постои банкарот?

– Нормално дека постои банкарот. Ама, како и досега, ќе остане мистерија. Токму тоа го прави многу интересен, тоа што сите го замислуваат на свој начин, а не знаат каков е и како изгледа. Тој е оној што ги дава понудите и разговара со мене и со неговите досетки му дава посебен шмек на шоуто. Јас искрено се забавувам со него и го обожавам.

Н Дали досега некој го зел милионот?

– Досега милионот беше 19 пати во кутијата на натпреварувач што играше, но сите тие евтино ја продадоа. Што значи дека досега имавме можност да имаме 19 милионери, но никој од нив немаше храброст да ризикува и да оди до крај и наместо со милион си отидоа со многу помали суми. Искрено, криво ми е што никој не се одважи, ама ете на повеќето натпреварувачи освен среќа им недостига и повеќе храброст. Се надевам дека во оваа сезона ќе го добиеме.

Дали среќата е во милионот?

– Па, очигледно дека не е. Многу често мали нешта ќе ви го исполнат животот, но сепак слатко е кога му го празниме сефот на банкарот, особено ако успееме целосно да го испразниме. Не доаѓаат сите поради милионот. Некои сакаат да бидат на ТВ, други да си ја пробаат среќата, трети да ме запознаат мене итн.

Дали се раѓаат пријателства со кандидатите?

– Ние во студиото сме како едно големо семејство. Снимањата траат долго, па неизбежно е да се зближиш со некои од нив. Особено натпреварувачите меѓу себе. Се раѓаат и траат пријателства, по некоја љубовна врска, кумство, и сѐ што носи едно пријателство. Во секој случај имаме многу позитивна енергија и убаво дружење

Кријат ли емисиите по некоја анегдота?

– Речиси во секоја емисија има по некоја анегдота. Некои се поврзани со мене, некои со публиката, а некои со натпреварувачите. Преживеавме заедно силен земјотрес, неколку натпреварувачки изгубија свест од трема, при едно силно невреме ни снема струја… едноставно никогаш не ни е здодевно, а дел од тие анегдоти ги пуштаме и во емисија.

Дали има правило во избор на гардеробата? Како ја избираш?

– Години наназад соработувам со Елена Пандева и со нејзината модна куќа „Елена Лука“. Малку е да им кажам благодарам креаторката за сите можни фустани и модели што ми ги имаат направено. Колку за потсетување, јас снимам околу 280 емисии во сезона. Тоа доволно зборува за тоа со кој интензитет ми ја подготвуваат гардероба. Сѐ е работа на договор и разбирање, но навистина сѐ е полесно за една водителка кога има ваква поддршка каква што имам јас од „Елена Лука“.

По што ќе ја паметиш 2017?

– Искрено, ништо впечатливо и битно ми се нема случено во 2017 година. Стандардна беше, добра на секое поле. Немам што да издвојам, освен дипломирањето и вработувањето на син ми Филип.

Што си посака во 2018 година?

– Колку и да звучи клише, ама јас после смртта на татко ми единствено нешто што искрено посакувам е здравје! Сѐ е залудно ако немаш здравје. Ако имаш здравје, имаш сѐ!

Лејла Сабит

Не излегувам од дома без високи потпетици

Лила е синоним за убави става и нозе, и секогаш прекрасни чевли со високи потпетици од кои не можете да тргнете поглед. Вели, чевлите ѝ се фетиш, ги има над сто чифта, најмногу од марката „балдинини“ купени во Скопје. Популарното лице од малите екрани во јавноста и на ТВ носи исклучиво високи потпетици, високи од 8 до 15 см. Бидејќи во изминативе години и модата е сменета, вели приватно носи и балетанки.

„Високите потпетици, колку и да се неудобни кога ги носите нонстоп, сепак жената ја правата елегантна и грациозна. Веднаш имате поголема самодоверба, ги истакнува листовите на нозете и тие добиваат во должина. Како жена која е висока 167 см немам потреба секогаш да носам високи потпетици, ама поубаво се чувствувам кога ќе ги облечам“, вели Стојановска.

Лила ги пробала и популарните модели на Маноло Бланик и Џими Чу, ама тврди дека не се ништо поудобни во однос на тоа што се скапи.

– Избирам модели со платформа, кои го прават помал наклонот меѓу прстите и петицата и не предизвикуваат деформитети од поголем размер – вели таа.