Предизборни унапредувања во армијата, Иванов си го праќа аѓутантот во НАТО

Претседателот и врховен командант Ѓорге Иванов му подготви „билет“ за Брисел на својот поранешен аѓутант – бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски, кого го назначи за воен претставник на земјава во седиштето на НАТО. Указот за испраќање на Ѓоргоски на новата функција е објавен во „Службен весник“, каде што се забележува дека тој во седиштето на Алијансата, всушност, ќе треба да ја претставува „Република Македонија“. Сите одлуките што ги потпишал Иванов пред неколку дена се со досегашното име на државата. Затоа, пак, одлуките на Владата што се објавени во истиот број на „Службен весник“ – од 26 февруари, се со новото име на земјата – Република Северна Македонија.

Иванов потпишал и указ за одликување на четворица припадници на АРМ со „Медал за храброст“ за укажаната помош по тешката автобуска несреќа кај Ласкарци. Исто така, во екот на предизборието, Иванов донел одлуки за уште неколку кадровски прераспределувања во ГШ на АРМ, иако Изборниот законик и новиот Закон за спречување корупција предвидуваат ограничувања во однос на нови вработувања во државни и во јавни институции од денот на распишувањето на изборите.

Началникот на Генералштабот на АРМ, Васко Ѓурчиновски, е унапреден од генерал-мајор во генерал-потполковник. Бригадниот генерал Орце Јордев се поставува за заменик на командантот на Здружената оперативна команда (ЗОК) во ГШ на АРМ. Со указ потпишан од Иванов, полковник Драган Ковачки е поставен за командант на механизираната пешадиска бригада во ЗОК, а полковник Бесник Емини е именуван за началник на штаб во ЗОК. Како врховен командант на вооружените сили, Иванов именувал и „одбранбен аташе на Република Македонија во Париз“, а тоа е полковник Маријо Јуришиќ.

Иако во сите одлуки на Иванов што се објавени во „Службен весник“ на 26 февруари стои дека указите треба да се извршат веднаш, прашање е дали Јуришиќ, а посебно Ѓоргоски ќе можат да заминат во Париз и во Брисел пред завршувањето на изборите за нов претседател на државата. Според Правилникот на Министерството за одбрана за упатување на работа во странство на лица на должности во меѓународни мисии, министерот за одбрана донесува решение во кое точно се наведува денот на стапување на позицијата и времетраењето на мандатот. Од друга страна, Владата се обврза дека ќе ги почитува Изборниот законик и Законот за спречување корупција во делот на ограничувањата што се предвидени во однос на кадровските политики, социјалните трансфери и располагањето со државни ресурси од денот на распишувањето на изборите до нивното завршување. Тоа би значело некаде кон средината на мај – откако на Иванов ќе му заврши мандатот на чело на државата.

Инаку, за Јуришиќ се знае дека е предлог што бил усогласен меѓу Иванов и министерката за одбрана Радмила Шекеринска уште пред неколку месеци. Од тој аспект, прашање е зошто дури сега, откако се распишани изборите за нов шеф на државата, Иванов го потпишал указот за испраќање на Јуришиќ за аташе во Париз.


Најпроблематично е именувањето на Ѓорговски за „воен претставник на Република Македонија во НАТО“, особено ако се има предвид новата позиција што нашата земја ја зазема во алијансата, благодарение на Преспанскиот договор и промената на името. Друга работа се политиките на Иванов за опструкција на Преспанскиот договор, а со тоа индиректно и за потпишувањето на Протоколот за членство на земјава во НАТО.

Од кабинетот на Иванов ни изјавија вчера дека указите што се објавени во „Службен весник“ биле донесени на предлог на Министерството за одбрана и ГШ на АРМ, согласно нивните надлежности. Постапката, велат од кабинетот, траеше неколку месеци.

Ѓорговски, поранешен портпарол на ГШ на АРМ, беше човек од најблиското опкружување на Иванов сè до парламентарните избори во 2016 година, кога, десетина дена пред гласањето беше прераспределен од аѓутант на врховниот командант во командант на Првата механизирана пешадиска бригада. Тогаш, генералот во пензија Илија Николовски, кој сега е пратеник, реагираше дека е скандалозно што Ѓорговски „од аѓутант го поставуваат за командант на прва бригада бидејќи тој нема искуство на командна функција“. Во тој бран предизборни поместувања во АРМ и сегашниот началник на ГШ на АРМ Ѓурчиновски, кој деновиве е унапреден во чин генерал потполковник, Иванов го испрати за воен претставник на Македонија во НАТО – позицијата што сега треба да ја заземе Ѓорговски. Во периодот кога Ѓурчиновски беше испратен во Брисел, пред да се врати оттаму за да стане началник на ГШ на АРМ, Македонија долго време немаше воен претставник во НАТО, така што остана нејасно зошто тоа место се пополни во ек на изборна кампања. Во тоа време, министер за одбрана беше Зоран Јолевски од ВМРО-ДПМНЕ, кога, исто така, имаше информации дека при смените било заобиколено ресорното министерство, односно дека тие биле договорени во најтесен круг – наводно по партиска линија.

Александра М. Митевска