Паричката, конечно, му падна на Динамо

Динамо Загреб ги живее моментите што ги сонуваше пола век. Успеа да презими во Европа, а сега успеа и да опстане на меѓународната сцена. Во два меча ја елиминира чешка Викторија Плзен и во осминафиналето во Лига Европа за противник ја доби Бенфика. „Модрите“ ќе бидат домаќини во првата средба на 7 март, реваншот на „Да Луж“ во Лисабон е седум дена подоцна.

Клубот, неговите навивачи и хрватската јавност со децении чекаа да поздрават позабележителен европски настап и да уживаат. Честопати притоа се споменуваше терминот проклетство чија основа е многу добро позната на повозрасната генерација, но не и кај помладата публика надвор од границите на Хрватска. Легенда, мит, суеверие или празна приказна проценете сами.

Главната улога во преданието ја има поранешниот капитен на Динамо Загреб, Славен Замбата додека познатиот спортски новинар, коментатор и хроничар на „модрите“, Томислав Жидак го доведе до совршенство. Се започна со потфрлување на паричка за добивање на победник во двомечот со Спартак од Брно, Чешка во 1966 година во поранешниот Куп на саемски градови (тогаш немаше изведување на пенали, двете екипи победија по 2:0 на домашен терен).

Монетата на Замбата – „писмо“/„глава“ или две „глави“

Среќата се насмевна на динамовци, па тргнаа кулоарски шпекулации дека Замбата наводно имал паричка со две исти страни и пред да биде фрлена им рекол на соиграчите „скокајте како да сме добиле“. Моментот веројатно го понел и судијата Гинтер Мених од Германија кој го прогласил Динамо за патник во наредната фаза без да погледне на која страна паднала. Моментот оттогаш се пренесуваше од колено на колено и се прераскажуваше како анегдота во кафеанските седенки.

„Во реваншот со Спартак морав трипати на потфрлување паричка. Пред почетокот на мечот за избор на страна, на почеток на продолженијата и на крајот за одлука кој ќе продолжи натаму. Двата меча и во Загреб и во Брно завршија со 2:0 и бидејќи во тоа време немаше пенали за победник се решаваше со фрлање паричка“, се присетува Замбата и продолжи:

„Отсекогаш сум ги сакал игрите на среќа, а како дете секогаш бирав „глава“, но тогаш се решив за „писмо“. Двапати дотогаш реков „писмо“. При бирање на страните загубив како и пред продолженијата. Кога дојде да се изјаснам за победник ме фати нервоза. Се прашав што да правам, дали по третпат да речам „писмо“ или да сменам и да побарам „глава“. На крај се решив за „писмо“, па што биде нека биде. Паричката полета во воздух, но бидејќи теренот беше разоран, падна на раб во калта. Не беше јасно дали е „писмо“ или „глава““.

Бјелица: Бенфика е гигант, има брза и незгодна екипа

Во Динамо Загреб се осврнаа и на исходот од вчерашната ждрепка во Нион за осминафинале во Лига Европа. Велат го добиле еден од најтешките противници, но истовремено се свесни дека се дел од фаза во европско клупско натпреварување во кое нема слаби екипи.

„Бенфика е еден од најтешките противници што можевме да ги добиеме“, гласи првиот впечаток на тренерот, Ненад Бјелица.

Португалскиот клуб со години наназад важи за гигант во европскиот фудбал. Има милионска армија навивачи ширум светот, низ историјата освои над 80 пехари што го прават еден од најтрофејните на континентот. Рекордер е по бројот на освоени трофеи во национална сцена (првенство или куп) и во сезоните 1960/61 и 1961/62 триумфира во поранешниот Куп на европски шампиони (КЕШ) што денеска е Лига на шампиони.

„Бенфика е гигант во европскиот фудбал. И така е со години. Гледав еден нејзин меч во оваа сезона и заклучив дека е брза и незгодна екипа. Ќе биде многу тешко, но, сепак, добро ќе се подготвиме. Првиот меч е на „Максимир“ на кој се надеваме дека ќе играме пред полни трибини. Со Викторија покажавме што сме спремни да направиме, ќе се обидеме да извлечеме што подобар резултат за реваншот. Не верувам дека ќе нè потценат. Ако го гледале реваншот со Плзен, сериозно ќе нѝ пристапат“, потенцира Бјелица.

 

Рамка

 

Двојки за осминафинале во Лига Европа

 

Челзи – Динамо Киев

Ајнтрахт Франкфурт – Интер

Динамо Загреб – Бенфика

Наполи – Салцбург

Валенсија – Краснодар

Севилја – Славија Прага

Арсенал – Рен

Зенит – Вилјареал

Првите мечеви се закажани на 7 март, реваншите ќе се одиграат седум дена подоцна. Финалето е на 29 мај во Баку

 

Рамка 1

 

Резултати од реванш мечевите во шеснаесетфинале на Лига Европа

 

Интер – Рапид Виена 4:0 (прв меч 1:0)

Арсенал – БАТЕ Борисов 3:0 (0:1)

Челзи – Малме 3:0 (2:1)

Динамо Загреб – Викторија Плзен 3:0 (1:2)

Генк – Славија Прага 1:4 (0:0)

Баер Леверкузен – Краснодар 1:1 (0:0)

Бенфика – Галатасарај 0:0 (2:1)

Ајнтрахт Франкфурт – Шахтјор Доњецк 4:1 (2:2)

Вилјареал – Спортинг Лисабон 1:1 (1:0)

Бетис – Рен 1:3 (3:3)

Динамо Киев – Олимпијакос 1:0 (2:2)

Севилја – Лацио 2:0 (1:0)

Зенит – Фенербахче 3:1 (0:1)

Салцбург – Бриж 4:0 (1:2)

Валенсија – Селтик 1:0 (2:0)

Наполи – Цирих 2:0 (3:1)