Миљана Ристиќ, маратонка: Трчањето е здравје, а не тренд

Маратонката Миљана Ристиќ (23), која е дипломиран психолог, е убавицата за мај од годинешниот календар на „Пелистерка“, кој на провокативен начин ги истакнува бенефитите на водата и ја слави убавината на жената. Убавата спортистка со исклучителни резултати навикнати сме да ја гледаме во спортско издание, но на календарот е исто така во спортски елемент, но совршено ги отсликува елеганцијата и убавината на спортот.

Миљана ни ги откри тајните на топ-изгледот, но и на врвните резултати во спортот.

Победи на полумаратонот неодамна во Скопје. Дали ти беше прва победа и како ја доживеа?

– Да, ми беше прва победа. За мене ова е пред сѐ големо достигнување и убаво и незаборавно искуство кое ме мотивира за понатамошни планови и цели што ги имам зацртано.

Колку години се занимаваш со маратон?

– Со трчање се занимавам скоро две години. Член сум на Атлетски клуб Делта.

Твоите најголеми резултати?

– Ја претставував Македонија на Балканско првенство во полумаратон (21 км) во Косово и на Европско планинско трчање во Словенија. Во 2017 година ги остварив следниве успеси: Државен првак во корс-кантри на 6.000 м под 23 години, државен првак на 3.000 м, Трето место на државно првенство на 10.000 м и на полуларатон (21км).

За мене најголемо постигнување во 2018 година е второ место на Државно првенство на 10.000 м, со второ најдобро истрчано време од Македонка, како и полумаратон. Го истрчав моето најдобро време досега, 1:27:12. Исто така, бев државен првак во крос-кантри 8.000 м над 23 години.

Од каде љубовта кон спортот, особено кон маратонот?

– Порано се занимавав со одбојка, но кога започнав со факултет престанав да тренирам. Не спортував две години, и другар што трча долго време ме тераше да му правам друштво на еден од неговите тренинзи. Кога отидов на тренинг, веднаш сфатив дека тоа е она што ме исполнува. И оттогаш почнав да трчам, да се спремам и да се натпреварувам. Тренирам 6 пати неделно. Во неделата имам 3 јаки тренинзи на кои максимално се посветувам и 3 лесни кои се како закрепнување од претходните.

Што беше за тебе пресудно: здравјето, изгледот, резултатите?

– Пред сѐ за здравје, а со тоа сакав и да се натпреварувам, да се надминувам себеси и да постигнувам што подобри резултати, а изгледот доаѓа со самиот тренинг.

Колку ти се смени животот откако спортуваш?

– Многу. Трчањето не влијае само на физичкиот изглед, туку и те обликува како личност! Со трчањето зајакнав ментално, научив да се борам, да не се предавам.

Која спортска цел сакаш да ја оствариш во животот?

– Имам повеќе цели, ама една се надоврзува на друга. Прво би сакала да спуштам време на полумаратон под 1:23:00, а потоа би сакала да трчам маратон под 3 часа.

Те избраа за постерот на „Пелистерка“. Што за тебе значи еден ваков престижен настан?

– Убаво искуство.

Кое е твоето хоби и колку те интересира модата?

– Моето хоби е трчањето биејќи тоа е она што го сакам и правам покрај работата. Во тек сум со модните трендови.

Што им советуваш на девојките за топ-форма?

– Мојот совет е пред сѐ да спортуваат, да го тренираат оној спорт што го сакаат и да го тоа прават тоа поради свое здравје, а со самото тоа доаѓаат и топ-тело и форма. Нормално, и исхрана е многу важна покрај спортувањето.

Колку ја имаш поддршката од семејството?

– Најголемата мотивација, поддршка, сила во добри и лоши моменти што се случуваат во овој ниту малку лесен спорт ја добивам токму од моето семејство, без кое не би ни била тоа што сум денес.

Лејла Сабит       Фото: Ани и Дими