Лозано за „Независен“: Бегам од скандали

На почетокот на кариерата со гласот и ликот го споредуваа со Тоше, но Влатко Лозаноски-Лозано (33) со упорност, скромност и без скандали се наметна во јавноста како квалитетен вокал во кој публиката препознава искрени емоции.

Годинава ја почна со награди, а како круна на децениската кариера и три студиски албуми е неговиот утрешен концерт во ВИП-арената „Борис Трајковски“, во организација на „Авалон продукција“.

Денот го почнува со кафе, ужива додека вози и обожава филмови. Иако го врзуваа со убави девојки и мисици, и понатаму за приватниот живот останува затворен за јавноста.

Во интервју за „Независен весник“ Лозано проговори и за македонската поп-сцена и за идните планови.

Сите велат, време е за голем концерт на Лозано. Десет години си на поп-сцената, зошто ваков концерт не се случи порано?

– Не дека немаше обиди од наша страна, секако со настапи и концерти низ Македонија бев континуирано ангажиран, но едноставно за голем концерт секогаш го чекавме вистинскиот момент, вистинските луѓе, но искрено веруваме дека баш сега е моментот за збирање на дел од публиката на едно место и мислам дека нема да погрешиме.

Дали очекуваш да се наполни ВИП-арената?

– Секако, очекувам да биде преполна и одвај чекам да ги видам сите.

Наликуваш на Тоше, и во гласот и во ликот. Се надевам дека оваа споредба те прави горд и не ја намалува твојата вредност како пејач. Што те прави поинаков од другите пејачи?

– Секогаш во мојата интерпретација гледам да дадам нешто ново или најсоодветно за неа. Сакам секоја песна што е можно повеќе емотивно да ја доловам и да ѝ ја пренесам на публиката, односно на слушателите. Се трудам од секоја песна да дадам максимум, но во креативноста никогаш нема крај, некогаш е најдобро првата импресија да биде таа носечката. Секако дека годи да те споредат со најдобриот пејач што излегол од Македонија, но секако тоа што го правам доаѓа длабоко од мене и сакам публиката искрено да го почувствува тоа и да го види.

Годинава ја почна со награди. На „Златна Бубамара“ за пејач на годината и за хит на годината, и во Бања Лука на традиционалната манифестација „Оскари на популарноста“, каде што ја освои наградата во категоријата „Најпопуларни изведувачи од регионот“. Дали пејачот пее за награди или тие доаѓаат нормално, како дел од успешната кариера?

– Никогаш не пеам за награди, наградите се само дополнителен кураж, мотив за работа и награда или признание за трудот. Наградите се секако добредојдени и им благодарам на сите што нè почестиле, нè испочитувале нас и нашиот труд, но примарната цел не се наградите. Најреалната и најпотребна награда е публиката, односно прифаќањето на песните и нивно консумирање, тоа што ќе се случи утре ќе ми биде најголемата моја награда.

Што ти се допаѓа на македонската поп-сцена, а што не?

– Располагаме со одлични автори, изведувачи, она што недостига се некои битни работи за сè да може да функционира како што треба и да има слободен простор за работа. Има медиуми што ја емитуваат и почитуваа македонската музика, но тоа е сосема мал дел и тие емитувања не се во ударен термин, нема здружение за изведувачки права што може целосно да застане во заштита на изведувачите. Кога овие две работи би функционирале како што треба, многу работи би се промениле.

Кој ти ги пишува композициите и текстовите на песните? Ретки се хит-мејкерите што име се посветуваат на пејачите…

– Имам прекрасен тим, кој целосно се грижи за мене во секој аспект и сум горд на нив, тие се еднакво дел од проектот Лозано. Лазар Цветкоски е мојот долгогодишен продуцент и автор на моите песни, Магдалена Цветкоска е таа која е задолжена за текстовите, Даниел Јовески е за видеата, тука е и мојата сестра Марија Лозаноска, која исто така ни помага во нашата реализација.

Дали соработката со „Авалон“ ќе продолжи и понатаму? Дали планирате некој регионален пробив?

– Првичната цел е секако утрешниот концерт, секако дека има простор и за повеќе, но моментално сме посветени и концентрирани на овој залак.

Ти остана доследен како пејач во ова време-невреме за естрадата. Дали се гледаш во друга професија или остануваш во естрадните води?

– Останувам, секако.

Кој е Лозано приватно?

– Искрено, се радувам на обични мали работи, тие ме исполнуваат. Секогаш го почнувам денот со кафе, обожавам кафе. Уживам додека возам, тоа ме опушта. Кога треба да одлучам за некои важни работи, возењето ми помага и имам повеќе време за себе. Има периоди кога сакам денот да го поминам со филмски маратон.

Имаш ли музички идоли? Чиј концерт не пропушташ?

– Искрено, немам идоли, но има луѓе што ги следам и ги почитувам. Има многу нова музика, нови изведувачи, кои се спремни да ризикуваат и да сменат го сменат начинот на размислување, што мене искрено многу ми се допаѓа тоа.

Имаш ли неостварени желби за музиката?

– Сега засега одлично се одвиваат работите, нема да се застане на ова, ќе има многу новитети и музика од нас.

Што слушаш приватно?

– Најразлична музика, некогаш има недели да ништо не слушам (се смее).

Не си експониран во јавноста. Бегаш од скандали или скандалите бегаат од тебе?

– Гледам да бегам, а скандалите што ми доаѓаат ќе гледам колку што можам да ги избегнам.

Важиш за еден од најелегантните јавни личности. Колку е битен имиџот за еден пејач?

– Најбитен е. Кај изведувачот не е само убавиот глас или песните, публиката ја сака целосната слика.

Што ти се случува на љубовен план?

– Љубовниот план ќе го споделам во некоја следна пригода, кога ќе има нешто официјално за споделување со јавноста.

Лејла Сабит