Двојно убиство во Скопската чаршија – МВР со детали

Полицијата ја има блокирано улицата „Самуилова“ која поминува меѓу Калето и Старата скопска чаршија


Блокирани улиците околу Калето, по двојното убиство во кафуле (Фото: Б. Грданоски)

ДВе лица се убиени, а еден е ранет и е пренесен во болница, соопшти вечерва полицијата, откако се случи престрелка во Старата скопска чаршија во близина на Калето. 

„На 06.03.2023 во 20.11 час. во СВР Скопје пријавено е дека во угостителски објект во Скопје неколку лица пукале кон Ј. К. и Е. И., кои починале на лице место, и кон А.Т., кој е пренесен во болница за укажување лекарска помош“, велат од МВР.

Фото: Б. Грданоски

Полицијата ја има блокирано улицата „Самуилова“ која поминува меѓу Калето и Старата скопска чаршија каде вечерва е извршено двојно убиство и не дозволува приод до местото на злосторството.

Едно лице со две прострелни рани е донесено вечерва во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ каде му е укажана помош и е пуштено на домашно лекување.

– Вечерва околу 20.15 часот со приватно возило е донесено лице на преглед во нашата клиника. Констатирана е прострелна рана во предел на левото стопало и поголема рана во предел на десната потколеница. Раните се обработени, направени се потребните снимања, преврзани се и е поставена имобилизиција, по што лицето е пуштено на домашно лекување, односно не е задржано, изјавија за МИА од Градската болница.

Како што посочија, досега е донесено само едно лице во оваа клиника.

Наводно се работи за криминални банди кои се пресметале меѓусебе. Односно како што јавува „Макфакс“, луѓе со фантомки на главите вооружени влегле во барот каде немало многу гости, викале никој да не мрда, а потоа ги лоцирале сега веќе убиените во канцеларија на горниот кат, каде им пукале во главите.  Веројатно се работи за наркодилери од Грчец.