Нуредини: За реализација на нашите проекти е неопходна соработка со локалните самоуправи


 

Пречистителна станица во Кичево, која се очекува да заврши во јули, и нова пречистителна станица во Тетово во соработка со општината, најави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини  на вториот панел по повод годишнината на Владата, на тема  „Капитални и инфраструктурни проекти за подобар квалитет на живот и развој на културата во услови на криза“.

За пречистителна станица во Скопје, како еден од поголемите проекти, тој рече дека ќе се реализира со грант од 126 милиони евра од Европската банка за развој и грант од над 70 милиони евра од ЕУ.

-Тоа е неопходен инфраструктурен објект за нашиот главен град и за земјата, истакна Нуредини.

Посочи и на кредит од ЕБР за помагање на општините за изградба на канализација и за обезбедување питка вода.

Се надева, рече, и на изградба на новата депонија за источниот  регион. Овие проекти доцнат,  рече Нуредини, затоа што средствата доаѓаат од ЕУ.

-Не можеме да ги користиме ако сето не е подготвено претходно како што треба. Идејата е да бидеме подготвени и да ја сработиме работата онака како што се очекува од нас. Ние веќе усвоивме шест закони кои ќе помогнат во менаџирање на отпадот, рече Нуредини и додаде дека со парите од заемите од Европската банка за развој и Швајцарската агенција за развој ќе се градат регионални депонии и за други градови во земјата.

Во обраќањето Нуредини нагласи дека за успешна реализација на сите проекти е потребна соработка со локалните самоуправи зашто без тоа, рече, ни еден проект Министерството законски не може да го почне.

-Тие ги подготвуваат документациите, а ние сме како надзор, обезбедуваме средства и предлагаме политики. Битно е да имаме соработка со секоја општина, а ние како Влада сме отворени кон сите општини без разлика од која партија е нејзиниот градоначалник, истакна Нуредини.