Нуредини: Посветени сме на деактивирање на електраните на јаглен и инвестираме во обновливи извори


Во рамки на глобалниот состанок за животна средина „Стокхолм +50“, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини се обрати на третиот лидерскиот дијалог „Забрзување на имплементацијата на еколошката димензија на одржливиот развој”.

Потенцирајќи ги националните климатски цели што веќе се вградени во низа стратешки, плански и правни документи, министерот Нуредини, како што информираат од Министерството за животна средина, ја потврдил посветеноста на државата за постигнување декарбонизиран раст и заштита и промоција на животната средина и природата.

Притоа, Нуредини посочил дека Националната стратегија за развој на енергетиката до 2040 година, ревидираните национални придонеси кон Договорот од Париз (eNDC) што го одразуваат „зеленото сценарио“ од енергетската стратегија и препорачаните 63-те мерки за негова имплементација ќе овозможат севкупна модернизација, трансформација на енергетскиот сектор и економски развој и остварување на поставените цели за намалување на стакленички гасови за 51 проценти или нето 82 проценти до 2030 година во споредба со 1990 година.

– Патоказот за имплементација на нашиот eNDC се усогласува со целите и задачите на горенаведените национални политики и планови што се сеопфатни и се фокусираат претежно на одржлив развој, зелен раст, намалување на сиромаштијата и пристап до современи услуги. Посветени сме на деактивирање на нашите електрани на јаглен и инвестираме во обновливи извори на енергија, соларна, ветерна и хидро енергија, нагласил Нуредини.

Укажувајќи дека Северна Македонија постигна виден напредок во заштита на природните вредности и дека процентот на заштитени подрачја во однос на целата територија се зголеми од 8,9 на 13,9 проценти, министерот Нуредини порачал дека и во заштитата на природата мора да се оди чекор понапред и да се применуваат решенија засновани на природата за да се прилагодиме на промените што веќе се случија.

Според Нуредини, мора заеднички и регионално да се делува за доброто на сите и секој треба да го одработи својот дел. Поголемите индустријализирани држави мора да ги поддржат државите што се обидуваат да ги остварат амбициозните еколошки и климатски цели бидејќи само заедно можеме да постигнеме безбедна животна средина за идните генерации.