Нуредини: Наскоро Фонд за животна средина и подобра контрола на загадувачите


Фото: Б. Грданоски

Министерството за животна средина и просторно планирање ќе побара да се формира посебен Фонд за животна средина во кој ќе се слеваат парите од еколошките такси што ги плаќаат фирмите од приватниот сектор и од биоразградливите кеси за носење стоки што ги плаќаат граѓаните.

-Ја поддржуваме идејата за формирање на Фонд за животна средина и имавме средби внатре во нашето Министерство со секторот за финансии за да бидеме подобро информирани колку средства и надоместоци од плата од приватниот сектор доаѓаат. До сега тоа целосно одеше во централниот Буџет, рече Нуредини на денешната средба со новинарите и додаде дека засега нема точни податоци колку средства се слевале од таа намена.

Нагласи дека согласно законите загадувачите треба да платат.

-Ако има средства од тоа ќе има и средства за Фондот за животна средина. Добра вест е што на собраниска комисија веќе помина измената на Законот за животна средина која ќе овозможи државата да ги евидентира жешките точки. Мислам дека наскоро ќе помине и на Собрание и со тоа ние ќе ги идентификуваме жешките точки во нашата држава како што се ОХИС, Лојане, Југохром, … и ќе ги обврзиме приватните субјекти да почнеме планови за рехабилитација на тие точки, рече Нуредини.

Потсети дека на Влада помина законот за инспекции и веќе е во собраниска процедура со кој, како што кажа, ќе се овозможи инспекторите да прават контроли во објектите со А-интегрирана еколошка дозвола без претходна најава.

-Со тоа инспекторите ќе имаат повеќе ингеренции и ќе можат да вршат контрола без претходна најава, наместо како сега кога мора претходно две до три недели да ги информираат инсталациите дека ќе дојдат во контрола. Ќе доставиме и нов предлог закон за индустриски емисии со кој ќе се обврзат сите инсталации да имаат мониторни станици во оџаците и да имаат достапни податоци  24 часа на ден, рече Нуредини.