Нуредини изврши увид во пренасочувањето на природното речно корито на Сатеска


Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески и претставници од Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) извршија увид во активностите за реставрација и пренасочување на природното речно корито на река Сатеска што се влева во реката Црн Дрим.

Како што соопшти Министерство за животна средина и просторно планирање, Нуредини нагласил дека се преземаат конкретни активности за заштита на животната средина.

-Проектот за реставрација на коритото на река Сатеска и пренасочување во нејзиниот природен тек, покрај тоа што е една од клучните активности за зголемување на отпорноста на регионот кон климатски индуцираните ризици од поплави, има особено значење за нас во делот на конечно решавање на еколошкиот проблем од влијанието на сегашното корито и влив на река Сатеска во Охридско Езеро. Загадувањето на уникатниот охридски екосистем е нотирано како клучен проблем и токму затоа наша должност и обврска е да го заштитиме и зачуваме природното и културно наследство на ова значајно УНЕСКО подрачје, истакнал министерот Нуредини.

Реставрацијата на коритото на река Сатеска и пренасочувањето во нејзиниот природен тек се имплементира преку Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) и Министерството за животна средина и просторно планирање, како дел од регионалниот проект за интегрирано-климатски отпорно управување со ризиците од поплави во Дримскиот слив, финансиран од страна на Фондот за адаптации.

Од МЖСПП информираат дека е предвидено активностите комплетно да завршат кон крајот на март 2023 година.