Нуредини: Избран изведувач за чистење на линданот од ОХИС


Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, во денешниот говор за плановите во следниот четиригодишен мандат најави дека е избран изведувач кој ќе треба да го исчисти линданот од ОХИС.

– Завршен тендерот за избор на изведувач за расчистување на загадениот терен со линдан. Следува потпишување меморандум за динамиката и процедурата за отстранување на линданот – рече Нуредини. Појасни дека се уште немаат потпишано договор, но процесот е во рацете на УНИДО (Агенција на ОН за индустриски развој), со која подоцна треба да се договори изведувачот, односно која треба да ја исчисти депонијата.

Во кругот на ОХИС постојат две депонии со линдан, мала и голема. Најпрво треба да се исчисти малата депонија во која  е пороценето дека има 10.000 тони линдан.

Овој проблем со години се провлекува, а никој досега не најде решение за него. Последното одложување на чистењето на депонијата беше поради кризата со корона вирусот.

Кога ќе почне расчистувањето на малата депонија тоа се очекува да трае три до пет години. Во меѓувреме, компанијата која што ќе го добие тендерот, ќе биде обврзана да ја покрие големата депонија со геотекстилна мембрана за да нема понатамошни емисии, а малата депонија ќе се чисти во затворени услови.

Линданот е инсектицид со широк спектар на дејствување со кој во минатото се третирала почвата и дрвјата како заштита од паразити, сè додека пред повеќе од 40 години не бил забранет заради неговата токсичност. Тој е канцерогена супстанца, се сврзува со ПМ-10 честичките и го загадува воздухот, а заради несоодветното чување во изминатите децении, масовно ја загадувал почвата и подземните води.