Нуклеарната централа Запорожје без струја – префрлена на резервно напојување
Нуклеарната централа Запорожје е исклучена од надворешното напојување на територијата на Украина и е префрлена на дизел генератори, се наведува во соопштението од нуклеарката објавено на Телеграм.
– Поради исклучувањето на високонапонскиот вод од 750 киловолти, нуклеарната централа Запорожје го загуби надворешното напојување со електрична енергија. Моќта за сопствени потреби ја обезбедуваат дизел генератори … Нема зголемена радијација на местото на нуклеарната централа, се истакнува во соопштението.
Запорожје е најголемата нуклеарна централа во Европа, со шест блокови. Станицата не произведува струја од 11 септември 2022 година.
Пет реактори се во ладен режим, а еден работи за да ги задоволи потребите на електраната.
Од март минатата година нуклеарната централа Запорожје е под контрола на руските сили, а од 1 септември минатата година таму дежураат неколку експерти од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), кои се менуваат периодично.
Ова е седми пат
Ова е официјално седми пат огромниот нуклеарен комплекс да биде затворен откако руската војска го зазеде на 4 март 2022 година. Слично нешто се случи на почетокот на март по руската ракетна кампања, соопшти украинскиот државен оператор Енерхоатом. Надворешното напојување потоа беше воспоставено по неколку часа.
Нуклеарната централа, која претходно обезбедуваше 20 отсто од потребите за електрична енергија на Украина, продолжи да работи во првите месеци од руската офанзива, и покрај ракетните напади, но беше затворена во септември.
Оттогаш, ниту еден од шесте реактори VVER-1000 од советската ера не произведува електрична енергија, но централата е поврзана со украинската електрична мрежа и троши електрична енергија за свои потреби, особено за ладење на реакторот.