НУБ „Св. Климент Охридски“ е потпорен столб на библиотекарството во земјава


Фото: Б. Грданоски

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје денеска го одбележа патронот Свети Климент Охридски, и 77 години од основањето. В.д директорката на библиотеката, Јелисавета Костадинова напомена дека оваа библиотека е установа од исклучителна важност како за културата, така и за образованието, а истовремено претставува и потпорен столб на библиотекарството во државата.

НУБ „Св. Климент Охридски“ е основана во 1944 година, со одлука на АСНОМ. Директорката Костадинова денеска во обраќањето по повод одбележување на патронот, посочи дека НУБ „Св. Климент Охридски“ е најголема ризница на културни, уметнички и научни остварувања во државата, чиј фонд брои над три милиони библиотечни единици и истовремено претставува културен, образован, истражувачки и информативен центар, што има важна улога во повеќе општествени сфери.

-Потребно е да се има превид како од повисоките инстанци во нашата држава, така и од сите граѓани кои се воедно и потенцијални корисници на библиотеката, дека свесноста за многубројните функции за различните процеси што се вршат во библиотеката „Св. Климент Охридски“ се предуслов за да се покаже на дело соодветната грижа, како за условите и за состојбата во библиотеката, така и за материјално-финансиските и за кадровските капацитети, рече Костадинова.

Таа напомена дека импозантниот број на монографски и сериски публикации, како и илјадници уникатни ракописни и други видови материјали е надополнет со базите на податоци, кои овозможуваат пристап до над 50 илјади електронски списанија, електронски книги и други документи.

Сето ова, како што рече, претставува големо богатство што го заслужува вниманието на многубројните потенцијални корисници и на општеството во целост.

-НУБ „Св. Климент Охридски“ врши и едукативна функција, со цел да се воспостават највисоки професионални стандарди во библиотечната дејност и континуирано да се унапреудва библиотекарството во нашата држава, додаде директорката.

Таа потсети дека секоја година се организираат обуки преку кои библиотекарите од јавните, локални, универзитетски и училишни библиотеки се здобиваат со стручни знаења на сите сегменти на библиотечната работа.

Исто така, како што рече, НУБ „Св. Климент Охридски“ е одговорна и за организирање на библиотечно-информацискиот систем на заемна каталогизација.

-Нашата библиотека е надлежна матична установа во нашата држава за заштита на библиотечните добра, при што континуирано се врши конверзација и реставрација на ракописи, публикации и други материјали, а истовремено претставува и главен центар на дигитализација, појасни Костадинова.

Според амбасадорот на НР Кина, Џанг Ѕуо, цивилизацијата на една држава и нација го претставува колективното сеќавање на еден народ.

-Посебно сум импресиониран со богатото културно наследство на Северна Мкедонија, со многубројните културни историски паметници и со тоа што Северна Мекдонија посветува особено внимание на заштита на културното наследство, рече кинескиот амбасадор во своето денешно обраќање.

Тој рече дека културата на Северна Македонија е богата и наликува на многу дебела книга. Додаде дека библиотеките се значајни носители на историјата, на културата и на хуманистичкиот дух, и служат како училишта за доживотно учење и духовни домови за пошироката јавност.

-Национална универзитетска библиотека на Северна Макеодонија има долга историја и огромен фонд на скапоцени историски документи. Има развиено многу добра соработка со кинеските библитеки за промовирање на културната и јазичната размена меѓу нашите две држави, а истовремено има позитивна улога во продлабочувањето на врските меѓу луѓето, рече амбасадорот Џанг Ѕуо.

Тој додаде дека Амбасадата е подготвена да ја зајакне комуникацијата со библиотеката и да придонесе повеќе кон пријателството на двете земји.

Инаку, денеска за време на одбележувањето на патронот и празникот, проф. д-р Анета Серафимова одржа беседа за Св. Климент Охридски, а потоа настапи машкиот ставропигијален хор со духовни композиции.

Исто така, денеска традиционално беа доделени јубилејните награди за вработените во НУБ „Св. Климент Охридски”, а претседателот на Библиотекарското здружение на Македонија ја додели наградата „Библиотека на годината”.