Новото лице на неолибералната агенда

Во неолибералниот поглед на светот, сè се сведува на разликата помеѓу „доминиум“, сфера во која економската моќ е во рацете на професионалци, и „империја“, сфера во која избраните функционери извршуваат симболични функции


Да заборавиме за момент на тековната расправија меѓу Трамп и претседателот на Федералните резерви. Да се ​​вратиме на ситуацијата од пред шест месеци, ситуацијата што траеше претходните педесет години.

Од една страна, постои голем и моќен камп на неолиберали. Како што покажува Квин Слободјан во својата одлична книга „Глобалистите: Падот на империјата и раѓањето на неолиберализмот“, неолибералите собрани околу друштвото Монт Пелерин беа скептични кон способноста на прокапиталистичките политичари засекогаш да победуваат на избори и со тоа да ја одржуваат контролата врз лостовите на законодавната и извршната власт. Тие се плашеа, не без причина, дека левичарските, социјалистичките и популистичките партии би можеле да преовладаат. Во тој случај, како да се заштити водењето на економските политики од социјалистичките тенденции на овие партии? Решението беше пронајдено во постепено исклучување на бројни функции на државната администрација од надлежноста на законодавната и извршната власт и нивно препуштање на чисто технички експертски агенции. Доколку сите се согласивме дека монетарната и фискалната политика, деловната регулатива и така натаму се строго технички прашања што е најдобро да им се остават на експертите, тогаш донесувањето одлуки во тие домени би било заштитено од влијанието на партиите на власт, така што надлежните агенции би можеле мирно да спроведуваат „точни“ политики, во интерес на сопствениците на капиталот.

Ова е идеологијата што ја роди идејата за независност не само на централните банки, туку и на другите економски релевантни сегменти на државната администрација. „Независноста“ што се споменува овде е всушност независност од демократски избраните власти кои треба да го претставуваат јавниот интерес. Слободјан заклучува дека во неолибералниот поглед на светот, сè се сведува на разликата помеѓу „доминиум“, сфера во која економската моќ е во рацете на професионалци, и „империја“, сфера во која избраните функционери извршуваат симболични функции како што се истакнување национални знамиња, прославување на Денот на независноста и организирање паради со воени оркестри, но немаат влијание врз политиките од кои зависат каматните стапки, оданочувањето, деловната регулатива и движењето на капиталот. Целата навистина важна работа се извршува во рамките на „доминиумот“.

Таквиот пристап беше „интернационализиран“ во 80-те и 90-те години од минатиот век. Под водство на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, сè поголем број земји ја прифатија „деполитизацијата“ на централните банки и, во помала мера, на другите технички сектори на економско донесување одлуки. Графиконот подолу, кој го зедов од статијата на Адам Туз неодамна објавена на Substack, го покажува трендот на значително зголемување на независноста на централните банки во богатите земји во светот од 1990-те до глобалната финансиска криза од 2008 година (што воопшто не нè изненадува). Тоа беше важен елемент на неолибералната глобализација што го копираа многу земји во развој. Таквиот поглед на светот не дозволува да се доведе во прашање независноста на централната банка.

Независност на централните банки (CBI) во развиените економии, 1970-2022 година

Патем, треба да се напомене дека овој пристап е многу сличен на пристапот усвоен во Кина денес. Може да се тврди (како што тврди Тонгдонг Баи во „Против политичката еднаквост“) дека би било најдобро целата политичка сфера да се остави на техничкото управување на висококвалификувани експерти. Потребен е надзор. Но, тоа само ја намалува ефикасноста на системот. Никој не предлага да гласаме за одлуките на лекарите. Од истите причини, најсложените економски и политички прашања треба да им се остават на луѓето кои се обучени и компетентни. Проблемот со избраните влади е што тие се обидуваат да се мешаат во процесот на донесување одлуки. Проблемот е дополнително влошен кога владите ги избираат луѓе со малку познавање на економијата и политиката.

Неолибералното становиште привлече многу критичари во текот на изминатиот половина век. Да го наречеме кампот на критичари „демократски камп“. Нивниот став е дека одлуките за економијата мора да имаат изборен и демократски благослов за да бидат легитимни, како и сите други владини одлуки: законодавните тела можат да одлучат да ја зголемат или намалат возраста за гласање, исто како што можат да одлучат да ја зголемат или намалат каматната стапка. Важно е одлуките за важни економски прашања да останат под контрола на електоратот; тоа е уште поважно отколку во случајот со некои други одлуки, бидејќи овие прашања директно влијаат на сите граѓани. Ако сè повеќе прашања ги одлучува професионално-менаџерската класа, тогаш која е целта на демократијата и избраните носители на власт? Да нè водат во пеењето на националната химна?

Такви беа позициите на двата табора.

Потоа се појави Трамп. Како избран функционер, Трамп сака да ги контролира Федералните резерви. Дали тоа го доближува до демократскиот табор? Ни најмалку. Трамп всушност ја зајакнува неолибералната агенда. За да го видиме ова, треба да се потсетиме како независноста на економското донесување одлуки првично стана дел од неолибералната агенда: „традиционалните“ неолиберали беа песимисти во врска со способноста на конзервативните политичари и партиите блиски до нив да добијат и зачуваат моќ. Застапувањето на независноста на економските агенции е всушност начин да се спречат „лоши“ исходи во случај непријателски партии и политичари да дојдат на власт.

Но, неолиберализмот на Трамп не е ниту песимистичен ниту дефанзивен. Тој е оптимистичен и агресивен. Ако денес тој – а утре некој политичар како него – ја има целата политичка моќ во свои раце, зошто не би ги презел и сите економски институции? Мизес и Хајек сигурно би го одобриле тоа – но сепак би биле скептични во врска со капацитетот на таквите политичари да ја задржат власта. Ова не е случај со Трамп.

Се покажува дека клучната разлика помеѓу Трамп и „традиционалните“ неолиберали е всушност во нивниот оптимизам или песимизам во однос на одржливоста на успешната контрола на владата, а не во почетната позиција за тоа дали на неолибералите воопшто треба да им се дозволи да ги преземат економските институции. „Традиционалните“ неолиберали беа песимисти; Трамп е оптимист. Тој е убеден дека неолибералите и МАГА ќе владеат со светот (секако и со Соединетите Американски Држави) барем некое време. Ако е тоа случај, зошто да не владеат со Федералните резерви?

(Бранко Милановиќ е српско-американски економист познат по своите истражувања на нееднаквоста, професор на Универзитетот на Њујорк и поранешен главен економист на Светска банка. Текстот е објавен во Global inequality and more 3.0)