Новороденче на ГАК го добило вирусот од мајката


Фото: Б. Грданоски

На Клиниката на гинекологија се појави прв случај каде се родило новороденче позитивно на коронавирусот, пренесува Телма.

Бебето и мајката се со добра клиничка слика, немаат симптоми на Ковид-19 и денес ќе бидат испишани од Клиниката по што ќе останат во домашна изолација.

Кај бебето сите три теста биле позитивни, додека кај мајката првиот тест бил двојбен – позитивен само на еден од двата антигена, вториот негативен, а третиот позитивен.

Министерот за здравство Венко Филипче ја потврди информацијата, но кажа дека ќе биде направен уште еден тест за да се потврдат сомнежите.

Доколку и тој биде позитивен, ова би било прв случај на вертикална трансмисија на вирусот од мајка, што до сега не беше докажано дека постои.