Новогодишно онлајн дружење со „Фанк Шуи“ и новиот албум на Влатко Стефановски


Со цел да се одбележи завршувањето на оваа необична година, издавачката куќа „Арс Ламина“, заедно со книжарниците „Литература.мк“, денес организираат онлајн новогодишен настан. Новогодишната забава што двете компании, традиционално секоја година, ја организираат за своите вработени, автори, соработници и пријатели, овој пат ќе се „одржи“ во вид на онлајн-дружење на фејсбук-профилите на организаторите, следејќи ги правилата за безбедност.

 

Настанот ќе опфати и музички настап на македонската група „Фанк шуи“ (Funk Shui), позната по својот уникатен музички израз кој комбинира повеќе различни ритмови и алтернативни инструментални музички жанрови. Ќе бидат споделени и кратки видеоразговори со дел од авторите на „Арс Ламина“ и пријатели на двете компании, кои ја обликуваа книжевната сцена оваа 2020 година. Меѓу нив се и Неле Карајлиќ, Славомир Футро, Васко Тодоров, Јана Мишо, Моџо Килингтон и Давор Панчевски. Модератор на настанот ќе биде водителот Марко Марк.

Сите заинтересирани денес ќе можат да го проследат настанот на фејсбук-профилите на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“, како и на каналот Литература.мк на „Јутјуб“, од 21 часот.