Новогодишната турнеја „Четири скокалници“ без публика


Новогодишната турнеја „Четири скокалници“ во скијачки скокови втора година по ред ќе се одржи без присуство на гледачи, потврдија во четвртокот организаторите на австрискиот дел од ова натпреварување, кое ќе го доживее своето 70. издание од 29 декември до 6 јануари.

Организаторите на германскиот дел од турнејата, во Оберстдорф (29 декември) и Гармиш-Партенкирхен (1 јануари), веќе најавија дека поради построги антиепидемиски мерки и ограничувања, на овие натпревари нема да има публика. По нивните стапки во четвртокот тргнаа организаторите на натпреварот во Инсбрук (4 јануари) и Бишофсхофен (6 јануари), иако до пред некој ден тврдеа дека ќе можат ограничен број љубители на ски скоковите, 4.000 во Инсбрук и 3.500 во Бишофсхофен. да бидат на трибините со строго почитување на сите мерки.

„Жалиме за оваа одлука, која ќе влијае на гледачите и на натпреварувачите, но сакаме да им помогнеме на локалните власти да преземат акција за да ја спречат пандемијата“, се вели во соопштението на Австриската скијачка федерација.

Оваа одлука нема да ги погоди само љубителите на скијачките скокови, туку и оние кои ги сакаат алпските и другите нордиски дисциплини, кога се во прашање натпреварите за Светскиот куп, кои ќе се одржат без присуство на публика.