Новогодишна прослава во Бангладеш и во Непал по двегодишна пауза поради Ковид-19


По двегодишна пауза, илјадници луѓе во Бангладеш и во Непал ја прославија својата нова година со шарени поворки и музички приредби, затоа што пандемијата од коронавирусот стивна, а животот се врати на старото „нормално“.

Во Дака, луѓето облечени во традиционална црвена облека влегоа во бенгалската 1429 година. Маршираа, пееја и танцуваа на кампусот на универзитетот во Дака и универзитетскиот парк Рамна.

Слична беше организацијата и во други делови на градот и низ земјата, но, прославите беа и во втор план, бидејќи мнозинството муслимански Бангладеш истовремено го слави и месецот на постот, Рамазан.

Денеска е национален празник во Бангладеш, земја со 160 милиони жители.

Бенгалскиот календар е создаден за време на могулскиот цар Акбар од 16. век, со комбинација од исламски и соларни хинду календари, за да се олесни наплатата на даноците на земјиштето.

Изминатите две години, поради пандемијата, немаше свечености.

Во Непал, исто така, по двегодишна пауза, денеска е дочекана 2079 година, со посети на хинду храмови и будистички светилишта, каде семејства се молеа за просперитет и среќа.

Министерството за здравство на Непал вчера евидентираше само 19 нови инфекции, без смртни случаи со Ковид-19.