Новогодишен концерт „Празнична рапсодија Vol.2“ на пијано дуото – Јована и Мимоза
Новогодишен концерт на пијано дуото – Јована и Мимоза насловен „Празнична рапсодија Vol.2“ ќе се одржи вечер во Филхармонија.
На програмата ке бидат изведени дела од композиторите: F. Schubert – Andantino varie, F. Schubert – Fantasy in f minor, F. Liszt – Hungarian Rhapsody no.2 и J. Brahms – Hungarian dances no.1,2,3,4,5.
Мимоза Ќека пијано започнува да учи на петгодишна возраст, а основното и средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Дипломира во класата на проф. Тодор Светиев и магистрира (2017) под менторство на проф. Лилија Зилберштајн. Активно настапува одржувајќи целовечерни рецитали во рамки на фестивалите Златна лира, Нов културен бран, Festival international de piano Jeunes Talents- Франција, Сиена летен Фестивал на класична музика- Италија, Солеј- Фестивал на Франкофонијата- Бугарија, Интернационален фестивал Concerti del Tempietto во Театро Марчело Рим, Италија, Музички недели – Париз, како и во склоп на концертната сезона на Bristol Music Club.
Настапува и во состави, со ансамблот ConTempora, како и во рамки на Есенски музички свечености, Денови на македонска музика, Musica Viva. Посебно се издвојува нејзиниот настап со Симфонискиот оркестар на ФМУ-Скопје, под диригентство на маестро Саша Николовски – Ѓумар со изведба на Концертот бр. 2 за пијано и оркестар од К. Сен-Санс.
Во ноември 2018 година заедно со Јована Трајчева успешно го реализираат проектот ,,Есенска Бајка’’- Хуманитарен концерт за СОС Детско село Скопје. Мимоза Ќека е член на Сојузот на Музички Уметници на Македонија.
Јована Трајчева своето музичко образование го започнува на 7-годишна возраст во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Дипломира и магистрира (2017) на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Нина Костова, на одделот по музичка интерпретација.
Од 2015 работи како професор во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. Бележи успешни настапи и на фестивалите Охридско лето, Скопско лето, Денови на македонска музика, Musica Viva, Есенски музички свечености. Има одржано повеќе солистички рецитали во градови низ Р.Македонија- Скопје, Охрид, Тетово, како позначаен ќе се спомене и рециталот во црквата Св.Софија во Охрид 2017 година, настапува и со македонската филхамонија по повод 13-ти Ноември, изведувајќи ја Рапсодија за Скопје од А. Џамбазов. Бележи настапи и натпревари и фестивали и надвор од државава- Рим, Ибица, Милано, како и во Cite des Arts во Париз, Интернационален фестивал Concerti del Tempietto во Театро Марчело Рим, Италија, Музички недели – Париз.
Настапува и со оркестарот на Македонската филхармонија под диригентската палка на Ле Фи Фи. Заедно со Мимоза Ќека успешно го реализираат проектот „Есенска Бајка“-Хуманитарен концерт за СОС Детско Село Скопје. Јована Трајчева е редовен учесник на семинарите на проф. Борис и Људмила Романови.