Новодијагностицирани 500 пациенти со хематолошки малигнитети од 2017 година
Подигнување на јавната свест кај населението за хематолошки малигнитети – леукемии, лимфоми и миеломи, а пациентите да го кренат својот глас за подобар третман, подобра дијагноза, современ пристап на терапија, како што имаат и останатите европски земји и земјите во светот. Ова се целите на Здружението за помош и поддршка на пациенти со хематолошки заболувања и нивни негуватели „Хема“ кое го одбележува септември, светскиот месец за подигнување на свеста за хематолошки малигнитети.
Доктор Мирјана Бабамова од Здружението „Хема“ изјави дека првпат во државава го одбележуваат септември – светски месец за подигнување на свеста за хематолошки малигнитети.
– На глобално ниво на секои 35 секунди се дијагностицира по еден пациент со хематолошки малигнитет. Во нашата земја, согласно со податоците на Универзитетската клиника за хематологија во Скопје од 2017 година, има новодијагностицирани околу 500 пациенти со некој хематолошки малигнитет, изјави Бабамова.
Доктор Оливер Каранфилски од Универзитетската клиника за хематологија во Скопје информира дека третманот на хематолошките заболувања секаде има ист принцип и за тоа постојат одредни упатства кои се печатат и ревидираат, неколку пати во годината.
– Се трудиме колку што можеме да ги следиме упатствата на земјите кои се на многу повисок степен на развиеност од нас и кои располагаат со многу финансии. Мораме да разбереме дека сите нови лекови кои се во областа на лекување на малигните заболувања, како другите, така и хематолошките, чинат многу средства. Проблемот е како една држава која има малку различен степен на развиеност во однос на тие што се повисоко, може да обезбеди современо лекување за своите пациенти, рече Каранфилски.
Според него, ако сакаме да одиме понапред ќе мора, меѓу другото, да ги усогласиме и потребите и можностите на друштвото за лекување на ваквите состојби. Информира дека практично времето од дијагноза до третманот е сведено на минимум бидејќи лековите со кои би требало да се лекуваат пациентите се на располагање на Клиниката, не се нарачуваат директно за секој пациент, туку има одреден план и количество.
– Проблемот е со набавување лекарства кои се наоѓаат во светот секојдневно, меѓутоа за такви лекови треба одреден процес на регистрација и на стигнување до кај нас. Треба заинтересирани страни кои ќе го донесат лекот. За обезбедувањето на многу современи терапии можеби ќе треба да помине период, инаку она што е стандарден третман тој го имаме секогаш на располагање, посочи Каранфилски.
Миланчо Арсовски, пациент со хематолошко заболување и претседател на подружницата на „Хема“ во Велес ги охрабри пациентите со хематолошки малигнитети да си ги побараат своите права, преку здруженијата, како што е „Хема“. Порача пациентите да се јават за да им се помогне во нивното лекување.