Ново ситнење на албанската сцена – Хусни Исмаили го напушти Африм Гаши


 

Политичката сцена меѓу Албанците и натаму се раздробува во истиот момент кога се објавуваат потфати за обединување. Прво беше објавено дека чаирскиот огранок на Алтернатива ја напуштил партијата, а сега пратеникот и потпретседател на Собранието, Хусни Исмаили, се одвои од лидерот Африм Гаши и во Тетово формираше фракција која е наречена Координативен совет.

Според соопштението испратено до медиумите, наводно изминативе месеци во повеќето ограноци одлучиле да ги прекинат своите внатрепартиски активности, а синоќа едногласно одлучиле да формираат Координативен совет.

На средбата присуствувале претставници од 13 ограноци, како и претставнички од Форумот на жени и претставници од Младинскиот форум.

За координатор на Советот е избран Исмаили. 

По излегувањето на Исмаили, Алтернатива во Собранието остана со двајца пратеници – претседателот Гаши и пратеничката Сафије Садики-Шаини.

Претходно партијата ја напушти и пратеникот Скендер Реџепи, кој објави дека формира партија.

Неодамна Алтернатива, Беса и Демократско движење објавија дека ќе настапат заедно на следните избори.