Ново продолжение од шпанската серија „кој преговарал за амнестија на Груевски“


Фото: Б. Грданоски

Лидерот на новоформираното „Демократско движење“ и поранешен функционер на ДУИ, Изет Меџити, во синоќешната емисија Клан Дебата изјави дека во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски се преговарало за враќање на поранешниот премиер Никола Груевски на 9 мај – денот кога се слави победата над фашизмот и Денот на Европа.

Не е точно дека некој од опозицијата побарал од претседателот на државата Стево Пендаровски да го помилува Никола Груевски. Според Меџити, тоа го направиле владејачките партии.

Меџити нагласи дека тој и албанската опозиција имаат факти за тоа кој бил на средбата со Пендаровски за да преговара за враќање на Груевски, споменувајќи го и денот кога се случила оваа средба.

„Не треба многу тоа да го потврди претседателот на државата. Беше на Денот на Европа во неговиот кабинет. Така да, не зборуваме на памет“, рече Меџити во Клан Дебата.

Претседателот Пендаровски, соопшти дека оваа година, на два наврати опозицијата преку посредници му упатила „предлози да размисли за помилување на одредени политичари или да поддржи закон за амнестија на актуелни или поранешни политичари“.

„Тие предлози, преку посредници, до претседателот Пендаровски беа упатени од политички и безбедносни структури кои се блиски до актуелната опозиција, како и од поранешни политичари“, соопшти Кабинетот на претседателот.

 

Ваквото соопштение е реакција на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ на која портпаролот Наум Стоилковски го праша претседателот Пендаровски кој од него барал амнестија за бегалецот од правдата и поранешен премиер и претседател на партијата, Никола Груевски.

Реакцијата, пак, на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа по изјавата на претседателот во емисијата „Трилинг“ дека пред седум-осум месеци неформално било побарано од него да го помилува Груевски.Засега деманти дека е побарана амнестија има од поранешниот премиер Зоран Заев и од самиот Груевски.

Претходно, Изет Меџити јавно го праша министерот Бујар Османи дали бил на службена или приватна посета во Будимпешта кога се сретнал со Никола Груевски.

„Еднаш рекоа дека се сретнал со Али Ахмети, па рекоа – не, се сретнал со Артан Груби, сега јас сум се сретнал со него! Можеби од четврти пат ќе погодат!“, одговори Османи преку социјалните мрежи.

Инаку, Ахмети во интервју за ТВ 21 изјави дека последните измени на Кривичниот законик се крчкале цели 3 години, а во овој процес биле вклучени СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Притоа, спомена дека се одржувале и тајни средби меѓу него, Заев и Груевски. Но, како што нагласува, првиот пат од овие измени отстапил Заев, додека сега се повлекол Христијан Мицкоски.

„Имало десетици средби во Клубот на пратеници за измена на КЗ и да се усогласи со европските стандарди. Во тие средби имало работни групи. Средбите се остварени на многу таен начин помеѓу Зоран Заев, Никола Груевски и мене. Сме разговарале со часови и со денови. Дојдовме до моментот каде се согласивме сите и на крај се повлече ВМРО“ – тврдеше Ахмети.

Ден потоа, во интервјуто за „360 степени“ тој уверуваше дека измените на Кривичниот законик немаат врска со Груевски и негово враќање во земјава, како што обвинува албанската опозиција, туку со реформа на правосудството. Патем, ги обвини медиумите за негативната перцепција за Груевски кај Албанците.

„Албанците не го сакаа Груевски зашто се создаде таква медиумска атмосфера во минатото. Ако еден човек се напаѓа медиумски секој ден, така се создава перцепција. Но, Груевски беше премиер на оваа држава 10 години, тој бил премиер и на Албанците. Да не бидеме егоисти, да бидеме рационални, зашто како прво сме луѓе. Сега да шириш омраза… – рече Ахмети, додавајќи дека СДСМ преку медиумите ја создал негативната перцепција за Груевски.