Ново истражување може да доведе до соларни панели кои работат ноќе

И покрај предностите на соларните панели за собирање чиста енергија, тие имаат ограничувања. Облачните денови и ноќните часови ги прават делумно или целосно неефикасни. Но, истражувачите направија пробив што може да доведе до тоа соларните панели да работат ноќе


Соларните панели се популарна форма на собирање чиста енергија, но тие не се без ограничувања. Тие најдобро функционираат на силна, директна сончева светлина, така што облачните и дождливите денови можат да ја ограничат енергетската ефикасност. Што се однесува до ноќта, соларните панели не можат да работат без директна или индиректна сончева светлина – барем засега.

Тим истражувачи, вклучително и истражувачи од Факултетот за инженерство на фотоволтаични и обновливи извори на енергија во UNSW Сиднеј и ARC Центарот за извонредност во науката Екситон, направија пробив во инфрацрвената технологија што може да доведе до развој на соларни панели кои работат ноќе, пишува Светскиот економски форум.
Истражувачите успеаја да извршат успешен тест на уред наречен термо-радијативна диода, кој ја претвора инфрацрвената топлина во електрична енергија. Според истражувачите, термо-радијативната диода е слична на технологијата што се користи за очила за ноќно гледање.

„Кон крајот на 18 и почетокот на 19 век беше откриено дека ефикасноста на парните мотори зависела од температурната разлика низ моторот, и се родило полето на термодинамиката“, рече соработникот на Екситон сајнс и водечки истражувач Николас Екинс-Доукс, во соопштение за медиумите.
„Истите принципи важат и за соларната енергија – сонцето го обезбедува топлиот извор, а релативно студениот соларен панел на површината на Земјата обезбедува ладен апсорбер. Ова овозможува да се произведува електрична енергија. Меѓутоа, кога размислуваме за инфрацрвената емисија од Земјата во вселената, сега Земјата е релативно топлото тело, при што огромната празнина на вселената е екстремно студена. Според истите принципи на термодинамиката, можно е да се генерира електрична енергија и од оваа температурна разлика: емисија на инфрацрвена светлина во вселената“.

Засега, количината на енергија произведена во тестовите е неверојатно мала во споредба со производството на соларни панели, околу 0,001%. Но, тоа покажува надеж во развојот на соларни панели кои можат да произведуваат енергија, дури и ноќе. Засега, тимот бара да направи повеќе истражувања и да формира индустриски партнерства.

„Ние обично размислуваме за емисијата на светлина како нешто што троши енергија, но во средното инфрацрвено светло, каде што сите светиме со енергија на зрачење, покажавме дека е можно да се извлече електрична енергија“, рече Екинс-Даукес. „Сè уште немаме чудотворен материјал што ќе ја направи терморадијативната диода секојдневна реалност, но направивме доказ за принципот и желни сме да видиме колку можеме да го подобриме овој резултат во наредните години“.

Ова не се единствените научници кои сакаат да создадат соларни панели кои работат 24/7. Руне Страндберг, истражувач од Норвешка, беше првиот што ја истражи можноста. Во моментов, истражувачите од Универзитетот Стенфорд исто така тестираат алтернативни методи за искористување на топлинската енергија во мракот.