Новите згради задолжително ќе се приклучуваат на парно, предвидува новиот закон за градба


Со измените и дополнувањата на законот за градба се предвидува сите нови објекти за кои тоа е можно да бидат приклучени на системите за топлинска енергија, со што ќе се избегне сегашната ситуација во која некои тоа го немаат направено. На овој начин ќе се заштитат и граѓаните, но и инвеститорите, беше речено по средбата во Стопанската комора на Македонија меѓу претставниците на Здружението за градежништво и Регулаторната комисија за енергетика.

„Според анализите кои ги добиваме од БЕГ, станува збор за околу 15-20 згради кои не прифаќаат да се приклучат на системот за парно греење, а тоа им го овозможува постоечката законска регулатива. Поради тоа ни е предлагаме да се промени во Законот овој дел и да бидат обврзани да се приклучуваат на системот за топлинска енергија, секако доколку тоа е предвидено. Со цел да го поттикнеме приклучувањето, цената за приклучок ја намаливме од 3.160 денари на 2.000 денари по киловат“, изјави денес претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски одговорајќи на новинарско прашање колку згради се изградени и се греат на електрична енергија и покрај тоа што можеле да се приклучат на системот за централно греење.

Претставникот на Здружението, Андреа Серафимовски рече дека нивната цел како цел Здружение е да се подобрат условите за работа на компаниите, но и дека имаат општествена обврска да обезбедат вистински продукт за населението.

„Со Регулаторната комисија разговаравме за Законот за градба и импликациите на греењето, односно се што е потребно крајниот корисник да се чувствува задоволен, а државата да воспостави ред при изготвување на одобренијата за градба,“ рече Серафимовски.

Тој нагласи дека нивна примарна цел е квалитетот на живеење на граѓаните.

„Нашата теза е дека не локацијата, туку квалитетот треба да биде приоритет при купување на станбени единици и други недвижности“, рече Серафимовски.

Бислимоски по средбата истакна дека со новиот Закон за градба целта е да се воспостави ред и јасни правила во начинот на греење на територијата на целата држава.