Новите мерки до крајот на следната недела, помошта ќе зависи колку која е фирма е погодена

Новиот пакет економски мерки за поддршка на стопанството најверојатно ќе биде презентиран до крајот на следната недела, најави денес премиерот Зоран Заев, кој рече дека оние фирми кои се погодени повеќе од кризата со КОВИД-19, ќе добијат и поголема поддршка.

„Помош ќе има за сите и државата е подготвена да направи се во рамките на своите финансиски можности и капацитети да им помогне на работниците, на невработените, на сиромашните и на македонската економија и стопанство“, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање на прес конференција на која се презентира Националната образовна онлајн платформа.

„Синоќа се одржа Економскиот совет, работевме три часа, сите економски министри. Ги разгледувавме сите иницијативи од коморите, од синдикатите, од работодавачите, разгледувавме одредени економски државни прашања, ги имаме во предвид сите укажувања, а ги направивме отприлика и пресметките да знаеме кои се капацитетите на државата“, рече премиерот.

Тој објасни дека мерките дефинитивно ќе се движат во два правци – едниот е поддршка на приватната потрошувачка, а другиот за таргетирана поддршка на компаниите.

„Ќе има нови картички, нови ваучери кои што ќе бидат уште поконкретизирани за да може да бидат потрошени во дејностите кои што се најпогодени. Во тој дел се одвива таа прва трака на помош во која спаѓаат сите социјално погодени категории граѓани – покрај пасивните баратели на работа, пензионерите под 15 илјади денари, самохраните родители, стечајните работници и ранливите категории на сиромашни граѓани кои што се во центрите за социјални работи, тука се размислуваат одредени понатамошни помагања“, рече Заев.

Втората трака, додаде тој, е поддршка на стопанството и работниците.

„Борбата е за секое работно место и буквално ги разгледуваме сите можни аспекти за натамошно помагање преку мерки што дадоа резултати, да се помогне на сличен начин. Секако се размислува ова да биде уште потаргетирано – ако аплицираат компании што се погодени над 30 отсто би требало да имаме капацитетност да одиме со дополнителен развој на мерките – пропорционално да ги поттикнеме и да ги помогнеме оние што се погодени – 30 отсто, 50, 80 или сто отсто“, рече Заев.

Тој нагласи дека најверојатно ќе се тргне од износ од 14.500 денари што ќе важи за тие што се погодени до 30 отсто.
„Би требало да биде поголема за тие што се погодени 40 отсто, 50, 60 отсто или повеќе за да имаме правичност во целата реализација на сите овие мерки“, рече премиерот.

Дефинитвно, како што кажа, Владата ги помага компаниите со 20 милиони евра за што во моментов се развиваат процедурите, а дополнително се разгледува што може да се направи со парафискалните давачки, одложување на одредени даноци, како даночна аконтација на данокот на добивка и на други даноци.

„Една од таргетираните мерки која ќе биде специјална и нова е за враќање на отпуштените работници. Ако тие 12 илјади во просек што се јавуваат, или 29-30 илјади заминати од кои 18 илјади се вратени, секако ја гледаме бројката на сите невработени, но и на сите отпуштени од работа. Ако се вработи човек сега, токму во овој период ќе има екстра помагање, затоа што конечната цел ни се работниците и посиромашните граѓани“, рече Заев, додавајќи дека одлуките ќе бидат дооформени до крајот на следната неделе, кога верува дека Владата ќе излезе со новиот пакет мерки, а до тогаш ќе се знае дали некаде ќе треба да се интервенира со закон, или со одлука на влада. (М.Ј.)