Новите автобуси на гас пуштени во сообраќај


Новите автобуси на гас кои ги купи Град Скопје од утрово се пуштени во сообраќај од страна на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП).

Станува збор за првите 25 од 33-те нови автобуси кои пристигнаа во Скопје на крајот од мај. Од нив 20 се стандардни, а пет се зглобни.

Станува збор за автобуси на гас, за кои тендерот го доби „Ауто Хрватска ПСЦ“.

Возачите коишто ги возат новите автобуси на линии 2, 5, 15 и 57, имаа стручна обука од сертифициран возач од Хрватска.

 

Новите автобуси се енергетско ефикасни, во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија и ги задоволуваат стандардите за емисија на Euro 6. Овој тип на автобуси е прогласен за екоавтобус за 2016 година во Европа, а во Германија ја поседува ознаката „Син ангел“ бидејќи  емитуваат значително помалку ЦО2 и  речиси воопшто не го загадуваат воздухот.

 

Градот одлуката за набавка на ваков тип автобуси ја направи по извршеното тест возење низ Скопје кога пробно сообраќаа 3 различни модели на автобуси на гас и еден електричен автобус од различни производители, вклучувајќи го и автобусот од MAN, а тој според патниците беше најдобро оценет и најсоодветен за јавниот сообраќај во Скопје.  

 

Еден екоавтобус заштедува до 25.000 евра гориво на годишно ниво, односно во споредба со потрошувачката на старите дизел автобуси, овие автобуси трошат речиси двојно помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП, а истовремено го намалува и загадувањето на животната средина преку издувни гасови.

 

Колку за потсетување, автобусите што беа набавени пред 8 години, 202 двокатни кинески автобуси на дизел, чинеа премногу, се со лош квалитет и секојдневно се расипуваат, а ЈСП со години има проблем со кинеските автобуси поради непостоење овластен застапник, а со тоа и сервисна и техничка поддршка.

 

За разлика од претходните автобуси набавени од старото раководство, за да се избегнат проблемите при одржувањето, овојпат во цената на секој нов MAN екоавтобус е вклучено и одржувањето на автобуси како промена на масло, филтри и лесно отстранливи дефекти во гарантниот период од 3 години, како и специјален наменски алат за сервис и одржување на автобуси, кој е изработен од специјални материјали (комбинација на пластика, алуминиум и нерѓосувачки челик). Еден зглобен автобус чини 334.500 евра, а единечен 268.900 евра. 

 

Град Скопје со набавката на новите 33 нископодни MAN CNG автобуси за ЈСП, на претпријатието му овозможи да врши превезување на речиси двојно повеќе патници коишто имаат поголем простор и комоција за движење, што придонесува за побрз проток на патниците низ возилото, со повеќе врати за влез и излез, како и валидатори на предната и на задната врата. Ваков тип на екоавтобуси веќе се користат во јавниот превоз на Шпанија, Норвешка, Унгарија и Полска.

 

Во моментот на улиците на Скопје возат 25 нови екоавтобуси на гас од кои 20 се единечни и 5 зглобни, а во текот на месецот ќе пристигнат и преостанатите 8 автобуси што се дел од договорот што го потпиша Градот за набавка на 33 нови екоавтобуси, односно 21 нископоден автобус со поединечен капацитет од 85 патници и 12 зглобни нископодни автобуси со поединечен капацитет од 149 патници.