Новиот закон за безбедност на мрежи и информациски системи објавен на ЕНЕР


Ефикасно справување со предизвиците на безбедноста на мрежите и информациските системи во државава во смисла на заеднички минимални капацитети за градење и планирање, размена на информации, соработка и заеднички безбедносни барања од областа на ИКТ. Тоа е целта на Предлог закон за безбедност на мрежи и информациски системи што е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи, каде што е достапен на коментари и забелешки. Во наредниот период ќе биде претставен и на јавна расправа пред сите засегнати страни.

– Мрежата и информациските системи, а пред сè интернетот, играат суштинска улога во олеснување на прекуграничното движење на стоки, услуги и луѓе. Поради таа транснационална природа, значителни нарушувања на овие системи, без разлика дали се намерни или ненамерни и без оглед каде се случуваат, може да влијаат и врз Република Северна Македонија. Затоа, безбедноста на мрежните и информациските системи е од суштинско значење за непречено функционирање на внатрешниот пазар. Имајќи предвид дека во Република Северна Македонија отсуствува правна регулатива во оваа област, се наметна потребата за изготвување на овој закон, информираат од Министерството за информатичко општество и администрација.

Со законот, потенцираат, дополнително се транспонира Директивата (ЕУ) 2016/1148 на Европскиот парламент и на Советот од 6 јули 2016 година за мерки за висок општ степен на безбедност на мрежа и информациски системи низ Унијата, односно НИС Директивата.

Транспонирањето на НИС директивата, односно Законот за безбедност на мрежи и информациски системи произлегува од веќе усвоената Национална стратегија за сајбер безбедност на Република Македонија (2018-2022).  Работната група задолжена за спроведување на активностите  од стратешките документи за сајбер безбедност е вклучена во процесот на подготовката на Предлог законот.