Новиот пристап во македонско-бугарските односи на дело: Конференција за граѓански придонес за доверба, заедништво и сојузништво


Со пораки за надминување на разликите помеѓу Северна Македонија и Бугарија преку соработка не само меѓу политичарите, туку и меѓу деловната заедница, образовните институции, студентите, граѓаните и невладиниот сектор, вчера во Скопје се одржа конференција насловена БГМК2030 „Граѓански придонес во градење на доверба, заедништво и сојузништво“. Во обаќања на собирот премиерот Димитар Ковачевски оцени дека конференцијата покажува дека владите во Скопје и Софија го одбрале вистинскиот пат за приближување на двете земји, бугарскиот европратеникот Илхан Ќучук порача дека тоа е патот на отвореност кон целосно надминување на сите недоразбирања, а вицепремиерот Бојан Маричиќ смета дека ова е конкретен чекор за топење на мразот и остварување на успех.

Премиерот Ковачевски во обраќањето на конференцијата истакна дека собирот само потврдува дека тој и неговиот бугарски колега Кирил Петков го одбрале вистинскиот пристап и начин кога рекле дека ќе дадат политичка иницијатива, но оти сепак деловната заедница, образовните институции, студентите и граѓаните воопшто се тие што треба да ја водат дебатата и да воспоставаат мостови.

– Идејата на конференцијата се совпаѓа со идејата за динамично, ново динамично придвижување на односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, истакна Ковачевски, додавајќи дека намерата на владите на двете земји е да отворат најшироко поле за соработка меѓу голем број засегнати страни во општествениот живот и унапредувањето на соработката и пријателството помеѓу двата народи да се води инклузивно од надолу кон горе.

 

Премиерот потенцира дека му е драго што практично во истата недела на одржувањето на заедничкиот состанок на владите на двете земји во Софија, веќе се одржува еден собир на којшто е присутна академската заедница, што може да донесе нов импулс не само во односите, туку и во унапредување на квалитетот и професионалните перформанси на студентите.

Тој разговор да доведе до градење на доверба, која што доверба ќе доведе и до резултати на политичко поле што ќе значат унапредување и на соработката, меѓутоа и унапредување на процесите и политички и општествени, додаде Ковачевски, потенцирајќи дека таму каде има политичка волја и идеја за прогрес, разликите многу полесно се надминуваат.

– Заедно отворивме и искрен и посветен дијалог за стабилност и развој на двете држави, поттикнавме продлабочување на пријателството, добрососедството и соработката меѓу нашите две земји. Двете влади се определија да водат политика на градење на мостови, а не политика на градење на ѕидови помеѓу граѓаните на двете држави. Со тоа двете држави покажуваат одговорност кон своите граѓани, за постигнување достоинствени решенија за двата народи, за подобрување на животот на граѓаните во двете држави, потенцира македонскиот премиер во обраќањето на конференцијата, организирана од Renew Europe и Американски Универзитет на Европа – ФОН.

Европратеникот Илхан Ќучук, кој е и известувачот на Европскиот парламент за земјава, во обраќањето на форумот потенцираше дека разговорите за минатото се важни, но важни се и разговорите за иднината и меѓусебната соработка, изразувајќи уверување дека новите влади на Северна Македонија и Бугарија ќе продолжат по патот на отвореноста заради целосно надминување на сите недоразбирања.

– Нема поважен фактор од довербата, нема универзален договор, нема договор, кој е еднакво добар, нема договор кој ги задоволува и двете страни, но секој договор дава правна рамка за да се започне разговор. Јас верувам дека новата Влада на Бугарија и новата Влада на чело со Ковачевски ќе продолжат по патот на отворањето можности за подобро разбирање, рече Ќучук.

Тој потенцира дека неговото искуство му покажува оти единствениот проблем меѓу двете земји е тоа „што не се разбираме и што не знаеме едни за други“, а како добар пример за подобро разбирање го потенцира примерот со договорот за соработка помеѓу МИА и Бугарската телеграфска агенција (БТА), бидејќи, како што рече, преку константната размена на информациите народите ќе знаат повеќе едни за други.

– Овде сум не само како известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, туку и како непоправлив оптимист дека двете земји можат да се разберат и да бидат пример за партнерството на Балканот за европските стандарди, истакна Ќучук, додавајќи дека Договорот за пријателство и соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија и сеопфатниот развој и продлабочувањето на пријателските добрососедски односи, се во интерес на народите на двете земји.

Според него, до решенија ќе се дојде заедно со образовната, културната и инфраструктурата поврзаност, а идеите насочени кон заштитата на човековите права и слободи ќе ја гарантираат перспективата земјите да бидат културно, цивилизациски и образовно поврзани во рамките на Европската Унија.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак порача дека не бегаме од отворените прашања, меѓутоа не можеме да дозволиме односите меѓу Северна Македонија и Бугарија да се темелат само на тие прашања.

– Сметаме дека има потенцијал во многу други области, впрочем затоа се формираа и овие работни групи каде што може преку конкретни форми на соработка да се покажат резултати, да се приближат граѓаните, да се смени атмосферата за да можеме да ги решаваме сите отворени прашања, вклучувајќи ги и овие, но во никој случај на средбите не сме ги избегнувале отворените прашања, истакна вицепремиерот Маричиќ.

Според него, двете земји не можат да ги оствариме целите за зголемена соработка, топење на мразот и остварување на успех, доколку не направат и конкретни чекори и не покажат и конкретна добра волја.

– Не е доволно само државните институции и политичарите да прават напори, многу е важно и интелектуалците, универзитетите и сите останати општествени чинители, да дадат свој придонес, рече Маричиќ, потенцирајќи дека токму настани како вчерашната коференција помагаат да се воспитаат и одгледаат младите генерации во европски дух и за решавање на сите разлики и  проблеми преку еден отворен дијалог и со добра волја.

Околу барањето за „вклучување на Бугарите во Уставот“, Маричиќ истакна дека не е добро да се лицитира со временски рокови, бидејќи тие досега не помогнаа во разговорите.

– Ние, нашата Влада, повеќе пати јавно истакнавме дека поради нашиот концепт на Уставот утврден уште во 2001 со Охридскиот рамковен договор, немаме проблем да ги впишеме во нашиот Устав и други заедници коишто досега не се вклучени, како хрватската заедница, и црногорската, и бугарската заедница. Така што, постои јасна политичка волја за тоа. Нашиот став е дека тоа треба да се направи пред нашето влегување во ЕУ. Останува во наредниот период во разговор и отворен дијалог со Бугарија да најдеме и начин, меѓутоа и временски рок којшто ќе биде најсоодветен за тоа, рече Маричиќ.

Новиот пристап и насоката во која ќе тече дијалогот меѓу Скопје и Софија беа тема на разговор и на билатералната средба на вицепремиерот Маричиќ со европратеникот Ќучук. Како што објави Маричиќ на Фејсбук, средбата минала во пријатна атмосфера на меѓусебно уважување и потврдувње дека двете страни имаат волја за брз напредок во соработката и давање нова вредност на односите.

– Новиот пристап на двете земји за враќање на дијалогот на вистинскиот пат ќе придонесе кон зајакнување на довербата и заживување на добрите односи помеѓу граѓаните, што е наша обврска и должност како политичари. Убеден сум дека со ова темпо ќе продолжат разговорите помеѓу двете земји, во духот на добрососедските односи и европските вредности, наведе Маричиќ во објавата.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски смета дека развојот на соработката помеѓу двете земји во делот на образованието може да помогне во надминувањето на разликите.

– Треба да гледаме она што не поврзува, а не она што се наши разлики. И во таа насока ја поздравувам оваа денешна средба, изјави Милевски аплирајќи до градоначалниците и до образовните институции од двете земји да соработуваат и заеднички за аплицираа за проекти од европските фондови.

Во рамки на приближување меѓу образовните институции вчера беше восопоставена соработка меѓу училиштата „Емилијан Станев“ од Велико Трново и „Исмаил Ќемали“ од скопската Општина Чаир, кое вчера заедно го посетија првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби и европратеникот Ќучук.

И додека од Скопје се уптауваа пораки за соработка, приближување, поврзување и уривање на бариерите, во Софија бугарското Министерство за надворешни работи излезе со соопштение во кое „изразува загриженост за последните случувања во Република Северна Македонија, поврзани со постапки на функционери кои изнесуваат негативни ставови во јавноста и кои се во спротивност со позитивната клима создадена од активните напори на владите“ на двете земји.

– Неколку дена по успешната заедничка средба на владите на двете земји, повторно сме сведоци на зголемување на тензиите во јавноста предизвикани од конкретни постапки на претседателот на Северна Македонија, кој се обидува да ги обнови темите кои се во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година. Ваквите дејствија не придонесуваат за изнаоѓање решенија за политички прашања во насока на забрзување на процесот на европска интеграција на Северна Македонија и на меѓусебна доверба, се вели во соопштението на бугарското МНР, без да се прецизири на кои „постапки“ и „дејствија“ на шефот на државата се мисли.

По соопштенито на бугарското Министерство реагираше Кабинетот на претседателот Пендаровски, посочувајќи дека негвиот став е дека „ниту една негова постапка, ниту досега била, ниту отсега ќе биде во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави од 2017 година, вклучувајќи ја и средбата со здруженија на граѓани од Република Бугарија“.

– Претседателот Пендаровски смета дека секоја институција во двете држави треба да даде свој придонес во надминувањето на отворените прашања и во таа насока е посветен за зајакнување на дијалогот и целосна имплементација на договорот за пријателство, добрососедство и соработка, се нагласува во реакцијата на Кабинетот на шефот на државата.

Претседателот Пендаровски вчера во неговиот кабинет прими претставници на ОМО „Илинден“ и претставници на неколку други здруженија на граѓани од Република Бугарија кои го информираа за нивната работа и активности во областа на човековите права, промовирање на толеранција и градење на граѓанско општество.