Новиот претседател ќе ги залечува раните


Со набиена агенда и термини испланирани до минута, помина инаугурацијата на новиот претседател Стево Пендаровски и потпишувањето на заклетвата. Во првото обраќање Пендаровски објави дека ѝ подава рака на опозицијата, затоа што чувствувал обврска да ги штити статусот и правата на политичкото малцинство, иако тој бил предложен од мнозинството во Собранието. Тоа би можело да значи олабавување на тензиите во општеството кое е длабоко поделено, но овие ветувања Пендаровски треба и да ги оствари. Првата реакција на опозицијата беше студена – ниту еден од нејзините пратеници кои беа во собраниската сала не заплеска на крајот од говорот.

Инаугурацијата започна малку по 12 часот, откако беа сместени странските гости. Седницата ја водеше претседателот на Собранието, Талат Џафери, на албански јазик, а пред потпишувањето на свечената декларација беше отпеана македонската химна. Џафери му го читаше текстот на свечената декларација на идниот претседател, првпат со новото име на земјата – Република Северна Македонија. Тој се обврза дека функцијата претседател ќе ја врши совесно и одговорно, дека ќе ги почитува уставот и законите и дека ќе ги штити суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Република Северна Македонија.

Инаугурацијата ги седна еден до друг двајцата поранешни претседатели, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов, а на церемонијата присуствуваше и Вилма Трајковска, сопругата на покојниот претседател, Борис Трајковски. Во првиот ред седнаа функционерите од судската власт, претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, претседателот на Советот на јавни обвинители, народниот правобранител. Високите странски гости ја следеа церемонијата од галеријата од Собранието, а во своето обраќање Пендаровски поединечно им се обрати на четворицата колеги од регионот кои дојдоа на инаугурацијата по азбучниот ред на државата од која доаѓаат. Прв беше претседателот на Албанија, Илир Мета, потоа претседателот на Бугарија, Румен Радев, кој беше седнат меѓу двајцата политички противници, српскиот претседател, Александар Вучиќ и косовскиот, Хашим Тачи. Тој ги поздрави министрите за надворешни работи на Црна Гора и на Грција, Срѓан Дармановиќ и Јоргос Катругалос, замениците министри на Полска и Турција и високиот претставник од кабинетот на словенечкиот претседател Борут Пахор. Најсрдечен во отпоздравувањето беше турскиот министер Фарук Кајмакчи. Новинарите ја следеа церемонијата и обраќањето од прес-центарот преку ТВ-екрани, заедно со странски новинари, најмногу од регионот, а најмногубројни беа бугарските новинари.
Во кусото обраќање во кое ги наведе приоритетите на неговото претседателство, граѓаните беа поставени пред сите. Тој вети дека ќе биде претседател на сите, и на оние што гласале за него и на оние што гласале за друг кандидат, но и на оние што воопшто не излегле на гласање.

Длабоката поделеност во државата, исто така, се најде на врвот на обраќањето. „Во денешна Европа речиси и да не постои држава која е толку мала, а толку внатрешно поделена, по многу основи, од кои најголемиот дел се политички, и во најголем дел се креирани од нас, политичарите“, рече Пендаровски.

Во политичката сфера прва работа што ја вети е подавањето рака за соработка кон опозицијата.

„Чувствувам дека моја прва обврска како претседател кој беше предложен од политичкото мнозинство е да го штитам статусот и правата на политичкото малцинство“, порача Пендаровски.

Политичките разлики меѓу луѓето и партиите се природни и нужни, рече новиот претседател, но порача дека потенцијалите на општеството мора да бидат обединети за стратегиските важни работи.

„Тука, мислам, пред сè, на нашите евроатлантски аспирации за кои на реторичко ниво постои целосна согласност меѓу релевантните политички субјекти, меѓутоа, модалитетите за нивна реализација во кои веруваме, се различни. Како претседател ќе се ангажирам во дипломатските напори за довршување на процесот за нашето полноправно членство во НАТО и за време на целиот тек на преговори за членство во ЕУ, во кои ќе инсистирам да бидат вклучени најдобрите умови кои оваа земја ги има, независно дали доаѓаат од редовите на опозицијата, од невладините организации или од редот на независните експерти“, порача Пендаровски.

Постигнување на многу повисоки стапки на економски развој од досегашните и нулта толеранција за криминалот, корупцијата и непотизмот, се два главни приоритети од кои, според Пендаровски, зависи иднината на државата.

„Ова второто (непотизмот), ја поткопува економијата и ја намалува довербата на граѓаните во институциите, а второто, заедно со првото, ја засилува емиграцијата на младите и способните без кои нашата држава нема иднина. За успешен одговор и на двата предизвици, и власта и опозицијата и бизнис-секторот мораат да работат заедно, затоа што нема просперитет ако најдобрите од генерацијата сакаат да работат исклучиво во државната администрација или си одат оттука, додека во приватниот сектор недостигаат квалификувани работници, а платите заостануваат зад буџетските“, порача Пендаровски.

Пендаровски не го заборави ниту граѓанскиот сектор кој со години беше маргинализиран и даде поддршка за медиумската критика за известување од работата на јавните личности.

За Армијата и безбедносно разузнавачкиот апарат, кои се во директна надлежност на претседателот, објави дека реформите ќе се одвиваат според моделот на конституирање на ОТА, за што постоеше консензус меѓу власта и опозицијата.

На крајот од своето обраќање, Пендаровски порача дека ќе ги залечи скорешните рани и ќе го почне помирувањето, па дури и на сметка на својот рејтинг.

„Време е да ги залечиме отворените рани од нашето скорешно минато и реално да го започнеме граѓанското помирување, затоа што немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом. На тој пат сакам да се вложам без остаток, не водејќи сметка за сопствениот политички рејтинг. Сите добронамерни луѓе, политичари и партии што ќе решат да одат по истиот тој пат ќе ја имаат мојата поддршка“, порача тој.

Понатаму сè одеше со голема брзина затоа што за еден час тој требаше да замине во претседателската канцеларија на Водно каде што веќе го чекаше Ѓорге Иванов.

Претседател со хипотека или претседател што ќе го одблокира напредокот?

За опозицијата, Македонија доби претседател избран со кредит и политичка хипотека, а за власта со инаугурацијата на новиот претседател Стево Пендаровски по цели десет години завршува блокирањето на напредокот на државата.

„Доби политички кредит од политичари и партии кои ќе очекуваат тој кредит да им се врати. Враќањето на тој кредит нема да биде од страна на Пендаровски, туку од политичарот со кого тој се согласува 102,5 отсто, според неговите зборови“, рече Антонио Милошоски.

Според пратеникот на опозицијата, во иднина ќе сме гледале кои фактури ќе стигнат на сметка на Владата и на државата.

„Таквото враќање на политичкиот кредит најмногу ќе ги разочара тие кои со доверба и големи очекувања гласале за Пендаровски“, додаде тој.

Власта, пак, е убедена дека претседателот Пендаровски ќе води напред, ќе биде водилка на напредокот, развојот и интеграцијата во ЕУ и НАТО и гарант на процесите кои обезбедуваат сигурна и стабилна иднина.

„Се става крај на едно цело лошо извршување на мандатот претседател на државата, заврши едно негативно поглавје од нашата историја обележано со молк за важните прашања, промовирање поделби помеѓу граѓаните, тензии, дискриминација и поддршка единствено на криминалните политики на режимот“, истакна пратеничката од СДСМ, Фросина Ташевска-Ременски. Таа очекува дека меѓу првите чекори кои ги очекуваат од Пендаровски е да ги потпише блокираните закони.

Во име на ДУИ, изборот на Стево Пендаровски за претседател му го честиташе пратеникот Артан Груби, кој го поздрави и обраќањето на новиот шеф на државата во Собранието.

Прашан за коментар по изјавата на Милошоски дека ДУИ ќе испорачува фактури до СДСМ, Груби одговори: „Пендаровски е наш кандидат и сметаме дека сме пресуден и одлучувачки фактор во неговата победа и нема зошто да испорачуваме фактури за наш кандидат кој победи на овие избори“.

„Најголемата фактура што е испорачана е консензуалноста и тоа што победија политиките на Ахмети и ДУИ кои ги промовиравме уште од 2014 година. Поголема фактура од тоа не може да постои“, додаде пратеникот на ДУИ.

Остана мистерија каде беше Заев

Она што предизвика најмногу внимание во јавноста е тоа што на инаугурацијата на новиот претседател не присуствуваше премиерот Зоран Заев кој е и претседател на партијата, која заедно со ДУИ го предложи токму Пендаровски за претседател.
Официјално, Заев од петокот користи четири слободни дена, а тој преку видеопорака му ја честиташе инаугурацијата на Пендаровски. Ваквиот чекор на премиерот, опозицијата го протолкува како многу чуден и невообичаен сигнал.

„Ќе видиме следниве ден-два што ќе се случува и дали следните денови ќе дадат објаснување за неговото отсуство“, рече Милошоски.

Ташевска-Ременски не сакаше да коментира зошто Заев го нема и се повика на неговата изјава во која, според неа, тој ги образложил причините кои се оправдани. За одговор на ова прашање Груби упати на неговата матична партија.

„Господинот Ахмети беше денеска тука и го проследивме обраќањето на нашиот заеднички кандидат“, рече Груби во изјава за медиумите.

Иако новиот претседател повика на помирување и подавање рака на опозицијата, сепак на инаугурацијата не беше поканет лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски ниту противкандидатите на Пендаровски.

Ременски рече дека ја почитувале востановената протоколарна практика во Собранието според која на вакви седници не се покануваат лидери на политички партии. Поканите, според неа, кој да присуствува на седницата ги испраќал претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Фросина Факова – Серафиновиќ