Новиот предлог Закон за енергетика го помина комисискиот филтер во прво читање


Собраниска Комисија за европски прашања денеска на 8-мата седница го разгледа и едногласно прифати Предлог на законот за енергетика во прво читање. Комисијата со 11 гласа „за“, без против и воздржани, предлог законот го проследи на понатамошно читање. 

Претседателот на Комисијата, Антонијо Милошоски, посочи дека овој закон е со европско знаменце бидејќи во најголем дел значи усогласување на македонското законодавство со европската регулатива во областа на енергетиката.  

Предлог законското решение го објасни заменик министерот за енергетика, рударство и минерални суровини, Мирослав Лабудовиќ, посочувајќи дека рокот на земјава за транспонирање на директивите и регулативите од пакетот за „чиста енергија“ е изминат повеќе од една година, а кои, како што нагласи, суштински придонесуваат кон реформата, модернизација и одржливоста на енергетскиот сектор. 

– Усогласувањето на нашето законодавство со клучните европски акти, има потенцијал да донесе позитивни ефекти за економијата, општеството и енергетскиот сектор во државата. Една од најзначајните придобивки е создавање на либерален, транспарентен и конкурентен пазар за електрична енергија. Ова ќе ги зголеми изборот и квалитетот на услугите за потрошувачите, а цените на енергија ќе бидат пофер и пониски поради конкуренцијата, нагласи Лабудовиќ. 

Потрошувачите, како крајни корисниците, според Лабудовиќ, ќе имаат директни придобивки со можноста за промена на снабдувач без административни и финансиски пречки, зголемување на транспарентноста преку воведување на паметни броила и подобро информирање, како и реална можност за управување со сопствената потрошувачка. Дополнително, нагласи тој, се поддржуваат новите концепти како потрошувачки-производители, енергетски заедници и управување со побарувачка. 

– Транспонирањето во поширок контекст е во согласност со Зелената агенда за Западен Балкан и европскиот Зелен договор. Овие документи го нагласуваат значењето на декарбонизација, подобрување на енергетската ефикасност и зголемување на уделот на обновливи извори, рече Лабудовиќ.

Со новиот Закон за енергетика се спроведуваат неколку важни чекори од реформската агенда како што се спојување со пазарот на електрична енергија на ЕУ и приклучување на европскиот пазар на ден однапред, чие целосно спроведување согласно барањата на Енергетската заедница, како што рече Лабудовиќ, би донело средства во износ од 6,4 до 8,5 милиони евра по постигнати чекори. 

– Транспонирањето е директно поврзано со клучните приоритети на реформската агенда на Македонија, особено во делот на владеење на правото, економското управување, енергетската безбедност и подготовка за членство во ЕУ. Енергетскиот сектор, како стратешки столб на економијата има централно место во овие трансформации и спроведувањето ќе донесе неколку клучни реформи – пазарна либерализација и конкуренција, јакнење на институциите, енергетска безбедност и отпорност, зелена транзиција и инестиции, социјална праведност и заштита на потрошувачите, нагласи Лабудовиќ.

Митко Трајчулески, од СДСМ рече дека овој закон има усогласување со барањата на Европската енергетска заедница, укажувајќи дека и првата нацрт верзија од 2024 и конечната верзија сега добиваат позитивно мислење и дека затоа ќе даде поддршка. 

-Она што е важно како држава и што го покажуваме во пракса е дека постои континуитет, особено во одредени области кои се важни за државата, односно енергетиката, имајќи предвид дека овој закон е почнат да се работи пред отприлика три години и сега покажуваме дека имаме континуитет во оваа област.  Европската енергетска заедница дава позитивно мислење и јас ќе го поддржам овој закон, изјави Трајчулески.

Пренесувањето на сопственоста на операторот на преносниот систем – МЕПСО во рамки на Министерството за енергетика, Трајчулески го оцени како правилно, посочувајќи дека Министерството за транспорт ниту имало капацитет, ниту стручност и знаење за да може да ја следи работата на МЕПСО.