Новиот почеток на „ТНТ“ ист како и кога запре процесот


Новото судење за случајот „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“ почна онака како што заврши кога беше прекинат поради пензионирањето на една од поротничките – со големи оспорувања на адвокатите во нивните воведни говори. Тие ја оспоруваат надлежноста на обвинителот Бурим Рустеми (кој беше дел од некогашното СЈО), но и „бомбите“ како докази.

Адвокатите сега бараат процесот да се одложи сѐ до донесувањето на новиот закон за јавно обвинителство. Ваквата тактика, која ја образложи адвокатот Еленко Миланов, стана дел од политичката битка околу законот.

Миланов, кој е бранител на обвинетиот ексминистер за транспорт и врски Миле Јанакиески, побара прислушуваните разговори и транскрипти да не бидат дел од листата на докази. Тој наведе дека „бомбите“ не можеле да бидат докази поради тоа што предметот сега не го застапува обвинител од СЈО, туку од основното јавно обвинителство.

„Сметам дека сите разговори кои ги изведовте во минатата постапка, транскриптите од нелегалното следење на комуникации треба и мора во овој момент да ги отстраните од списите на предметот или почнувањето на воведните говори ги одложите до моментот кога ќе биде донесен законот за ЈО во нова форма, па евентуално врз однова на решенијата кои ќе бидат официјални да може да одлучувате во однос на ваквиот предлог“, рече Миланов.

На судењето дојде и поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, чија здравствена ситуација е подобрена. Тој тоа го потврди и пред судијата Огнен Ставрев велејќи: „Полека, полека се подобрува ситуацијата. Но, е сум како што треба“.

Адвокатот Мерџан Даути, бранител на Елисавета Најдовска, на почетокот од рочиштето бараше превод на албански јазик на сите докази доставени до судот. Судијата Ставрев му одговори дека на сите рочишта ќе има симултан превод, а листата на докази ќе биде преведена на албански. (Н.В.)