Новиот министер за здравство е освежување за владата, рече премиерот Мицкоски
Опозицијата рекоа дека веројатно Азир Алиу не ни знае колку болници има во државава, а Миле талески (СДСМ) го обвини премиерот за ароганција

Во Собранието денеска во рамки на 54. седница се расправа по владиниот предлог Азир Алиу да биде министер за здравство. Премиерот Христијан Мицкоски во образложението на предлогот за Азири истакна дека верува оти неговата енергија и знаење ќе донесат нова димензија во менаџирањето со здравствениот систем. Ова именување доаѓа по оставката на Арбен Таравари од местото министер за здравство. По неколкучасовната дебата Алиу беше избран за министер за здравство со 65 гласови „за“. Против беа 15 пратеници.
„Доктор Алиу е доктор по информатички науки. Професор, човек, кој со години се занимава со управување со системи, податоци и дигитални решенија. Во време кога некои држави со еден клик добиваат дијагноза, ние сѐ уште трчаме. Време е тоа да се промени. И токму затоа веруваме дека неговата енергија и знаење ќе донесат нова димензија во менаџирањето со здравствениот систем. Се изготвуваат и инфраструктурни проекти, изградба и обнова на здравствени установи, но и дигитализација која ќе спречи злоупотреби. Ќе овозможи секој пациент да има евиденција, услуга и пристап до системот. Во овој процес доктор Алиу ќе има силна поддршка од мене како претседател на Владата, но и силна лична одговорност. Очекувањата од него се големи, а времето не ни е сојузник“, рече премиерот образложувајќи го предлогот за Алиу.
Мицкоски потенцира дека во овие речиси една година чекор по чекор го враќаат изгубеното чувство дека државата е тука за граѓаните а не спротивно. Посочи дека градат систем што не ги прави луѓето мали пред институциите, туку институции што служат на секој граѓанин подеднакво.
„Денеска сме овде за да го продолжиме тој процес и да го зајакнеме. Пред вас сум како предлагач на две кадровски решенија кои се донесуваат на два ресори – здравството и земјоделието. Ова не е само прашање на персонален избор. Ова е дел од поголемата слика, реформската насока во која се движи Владата и нашиот стремеж да го поставиме системот на нови здрави темели“, рече тој.
На седницата, на дневен ред, е и предлогот за именување на Албрим Хоџа за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Премиерот Мицкоски во образложението на предлогот за Хоџа истакна дека тој е млад, но сериозен човек кој знае како изгледа теренот. Верува дека тој ќе даде силна енергија и додаде дека ќе биде силна потпора на министерот и ќе придонесе кон тоа земјоделството конечно да добие системска рамка и визија за иднината.
Во биографијата за Хоџа се наведува дека тој е новинар со повеќегодишно работно искуство, а своето образование го стекнал на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово.
Од опозицијата не мислат така како што зборуваше премиерот. Во својата дискусија пратеникот Миле Талески од СДСМ рече дека Азир Алиу веројатно не знае ни колку болници има во државава. „Срамно е што за министер за здравство, власта ќе постави информатичар кој веројатно нема поим колку болници има во државата, колку здравствени домови има, а камоли да знае што навистина му е потребно на здравството“, рече талески.
Тој се осврна на изјавите на премиерот Мицкоски, како и на потегот на власта, која, за да го оправда именувањето на Алиу за министер, вели дека најважен приоритет на оваа влада ќе биде дигитализацијата во здравството.
„Човекот нема никаква врска со здравството. Дигитализацијата е важна, но многу поважна е грижата за здравјето на граѓаните. Господине Мицкоски, јас би ви предложил да заминете во Кочани – кај родителите и сите повредени деца и млади во трагичниот случај – и да им кажете: ‘Не грижете се, не е важно што нема соодветна нега за нивните повреди, не е важно што немаат соодветни услови за лекување, не е важно што нема стручен медицински персонал, што немаат соодветни ракавици, што за основни материјали мора да се снабдуваат со донации – важно е што наш приоритет ќе биде дигитализацијата на здравството’“, рече Талески.
Тој потенцираше дека овој предлог на владејачката коалиција е срамен, а премиерот на сите дискусии од денешната седница се спротивставува со ароганција, навреди, омаловажувања, закани и негирања.
„За жал, таа ароганција не ја покажувате само кон пратениците од опозицијата. Она што најмногу ги боли граѓаните е што немате никаков однос на соработка ниту со семејствата на починатите и повредените во трагедијата во Кочани. Тажно е сознанието дека имаме премиер кој нема емпатија – ниту кон сопствениот народ, ниту кон најранливите, ниту кон жртвите. Единствено се грижи за сопствениот рејтинг и рејтингот на неговата партија. Тоа го видовме и во денови на најголема тага за Македонија, кога ДПМНЕ најми ПР агенција што ќе се грижи за нивниот имиџ. Замислете, во моменти на национална трагедија, да плаќате агенција за односи со јавност“, рече Талески.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, истакна дека македонското здравство години наназад се соочува со нестручност во менаџирањето на здравството.
„Анализирајќи, имавме многу експерти од здравствената област којашто имале можност да го водат овој ресор здравство, но не се покажало секогаш дека биле компатибилни, здравствената стручност со менаџирањето со ресорот здравство, и затоа апсолутно немам никаква сомнеж односно можноста што премиерот му ја дава на Азир Алиу како доктор по информатички науки да го води овој ресор, сметам дека добро би се снашол“, рече Стојаноска.
Стојаноска објасни дека Алиу би можел да состави добар експертски тим кадешто неговите способности ќе бидат добра комбинација за квалитетно здравство и квалитетни здравствени услуги.