Новиот министер за туризам на Грција од партијата Демократска левица положи свечена заклетва

Претседателот на грчката партија Демократска левица, Танасис Теохаропулос и официјално е новиот министер за туризам на Грција, откако положи свечена заклетва во претседателската палата пред претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, јави дописничката на МИА од Атина.

Во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА, Теохаропулос изјави дека учеството на Демократска левица во Владата значи „соработката на прогресивните левичарски сили и беше целосно очекувана разврска“.

– На прашањето што се поставува: Зошто сега? одговорот е бидејќи сега се создадени предуслови за најголемо можно сплотување на прогресивните, социјалните и политичките сили за земјата да оди напред. Она што неодамна се случуваше во нашата земја, со порастот на новиот национал-популизам, на површина, на најсилен начин ги изнесоа разликите меѓу напредокот и конзервативноста, а со СИРИЗА, се најдовме заедно на истата прогресивна страна, наведе лидерот на Демократска левица и сега веќе министер за туризам на Грција за АНА-МПА.

Теохаропулос доаѓа на местото на Елена Кундура, која во петокот си поднесе оставка бидејќи е кандидатка за Европарламентот од СИРИЗА на претстојните избори за ЕП.

Демократска левица и Танасис Теохаропулос беа дел од коалицијата Движење на промена заедно со ПАСОК, но поради несогласувањата околу Договорот од Преспа, соработката беше прекината, а откако Теохаропулос гласаше за ратификацијата на договорот беше избришан од коалицијата.