Новиот министер на фестивал ја слави жетвата, земјоделците стравуваат од прекин на откупот


Борче Серафимовски на фестивалот на жетвата во Новаци

 

БИТОЛА – Новиот министер за земјоделство, Борче Серафимовски, замина на фестивал на жетвата во Пелагонија, а среде жетва нема цена на житото и откупот е неизвесен. Силни негодување кај земјоделците привлече веста за фестивалското славење на жетвата во услови кога цената на житото падна од 10 на 9 и пол денари за килограм.

Според состојбите на терен, земјоделеците се загрижени дека ќе нема кој да им ја откупи пченицата. Овој проблем се наметнува бидејќи најголем дел од откупувачите ја земаат пченицата за сточна храна.

Земјоделците се револтирани што нивниот труд повторно оди без да се плати, 4 килограми жито чини колку еден леб во продавница.

„Житото е 9 и пол денари килограм, нема ни мастика за џвакање да се купи со парите, а лебот е 35 денари. Кога сте нашле раја и по пет денари да почните да го земате житото“, критикува еден земјоделец.

„Ајде де и тебе ќе те почекаме да се освестиш оти ти не знаеше дека откупната цена е 10 денари… дека ништо не оди во државичево, дека субвенции нема 17 месеци, оти да знаете?“, коментира друг земјоделец.

Петре Стојкоски претседател на Асоцијација на земјоделци критикува дека во моментот жетварите имаат голем проблем, а како минува времето ќе нема кој да им го откупи родот.

„Не прашувајте за жетвата. Имаме приход по хектар што задоволува со висок квалитет на пченицата, а цените од 9,5 до десет денари за килограм. Тоа значи катастрофа! Цената е премногу ниска во однос на квалитетот и на трошоците. Што е уште пострашно, за ден до два, земјоделците ќе треба да фаќаат ургенции за да им се откупи пченицата, бидејќи сега пченицата ја откупуваат трговците кои што 80 проценти ја употребуваат за сточна храна. Овие трговци немаат капацитет да ја откупат целата пченицата од годинава. За нашата пченица нема заинтересирани откупувачи. Државата не треба да седи со скрстени раце“, изјави Стојкоски за „Независен“.

Според него, „грешка е што новиот министер за земјоделство прво се зафати со лозарите, наместо со жетварите, затоа што производот на лозарите ќе стаса во октомври. Има време за дискусија со лозарите, за жетвата нема“, му порача Стојкоски на министерот Серафимовски, отворајќи го прашањето, дали ваквата состојба со годинешната жетва и проблемите кои се во континуитет ќе ги намали површините со жито догодина и земјоделците ќе се откажат од домашното производство на пченица?  

Миле Кебакоски претседател на Здружението на земјоделци од Пелагонија „Фармери Југозапад“ реагира дека производителите на пченица не се задоволни од „неорганизираниот“ откуп на родот, од стравувањата за прекин на откупот и неисплатените субвенции.

„Во најава е прекин на откупот на житото од откупувачите-трговците. А згора на сето ова и субвенциите не се исплатени. Се наоѓаме во една тешка финансиска ситуација, не знаеме уште колку вакви жетви ќе можеме да издржиме. Нѐ изненадува игноранскиот однос на Министерството за земјоделство и на Владата во врска со субвенциите, откупот на пченицата и цената. Зад овој нивни однос се крие нешто, но не знаеме што? Можеме само да претпоставиме. Претходниот период се изгубивме во чекање на ребаланс на буџет, реконструкција на влада, а владата добива во време бидејќи нема пари“, изјави Кебакоски за „Независен“. Тој бара од Владата да им се исплатат по 5 денари за предаден килограм пченица од интервентниот фонд.

Според новиот министер Серафимовски годинава со пченица се засеани повеќе од 63 илјади хектари во државата. Жетвата е во тек, а Министерство за земјоделство внимателно ги следи состојбите на терен и одржува непосредна комуникација со производителите.

Серафимовски во петокот присуствуваше на Фестивалот на жетвата во пелагониската општина Новаци и објави дека на настанот се сретнал и разговарал со земјоделците од Пелагонија, и како што пишува –„внимателно слушајќи ги нивните согледувања за тековната жетва и состојбите во производството“, по ова министерот навел дека земјоделските политики мора да произлегуваат од реалноста на теренот.

„Жетвата е круна на многумесечниот труд, посветеноста и надежта на секој земјоделец. Земјоделството е темел на сигурното снабдување со храна, двигател на руралниот развој и еден од најважните столбови на македонската економија“, порача од Новаци, Серафимовски на петтото издание на Фестивалот на жетвата.