Новиот мандат на Трамп е причина зошто Македонија не оди кон ЕУ, тврди Билал Касами

Владината коалиција го најде новото оправдување за закочените европски интеграции – новиот мандат на американски претседател Доналд Трамп. Поради политиките на Трамп и редифинирањето на американските геополитички позиции, ЕУ не можела да се фокусира на проширување, бидејќи сега самата го барала своето место во светот. Тоа во емисијата „360 степени“ на МРТ го тврдеше градоначалникот на Тетово, претседател на Беса и еден од лидерите на коалицијата „Вреди“, која е дел од владата.
Прашан како на гласачите им ја објаснуваат блокадата на евроинтеграциите, бидејќи тоа беше еден од условите на „Вреди“ за влегување во владата, Касами тврдеше дека Европа не е подготвена да се проширува. И дека САД под Трамп сѐ уште немаат интерес да нѐ поддржат на европскиот пат како главен стратешки партнер.
„Со новата геополитичка ситуација во САД, со доаѓањето на претседателот Трамп, веќе сме во фаза на редефинирање на геополитичките позиции во светот. Европа сега се најде во една ситуација каде треба да ги разгледува уште еднаш своите позиции како еден проект за проширување со нови држави, но и во односите со САД. Со овој предизвик што им го даде Трамп во делот на регулирање на односите меѓу Европа и САД, гледам дека Европа нема толку сила да продолжи со проширувањето. Така што, од моментот кога Европа ќе биде подготвена сериозно да го продолжи процесот на проширување и кога САД ќе имаат интерес да нѐ поддржат како главен стратешки партнер, јас сум сигурен дека ќе имаме брзо решение“, одговара Касами.
На дополнително прашање дали ова значи дека Владата кренала раце од европските интеграции, Касами вели дека членството во ЕУ за владините коалициски партнери останува приоритет.
„Главен фокус на оваа влада останува ЕУ, но знаете, за танго треба двајца. Особено кога ЕУ е главен фактор за процесот, односно одлучувачкиот фактор за процесот, колку и да сакаме ние“, рече Касами..
Тој не гледа проблем доколку, според најавите од Европската комисија, Црна Гора и Албанија до крајот на 2029 година бидат подготвени за членство во ЕУ, бидејќи смета дека тоа може да биде само плус за државава, иако таа ќе остане надвор од Унијата.
„Јас не гледам проблем во тоа, бидејќи што повеќе Европа ја имаме во регионот толку повеќе имаме можности и Македонија побрзо да биде членка. Ако и на Запад ни дојде Европа, како што ни дојде на исток и на југ, посериозно кај нас ќе размислуваме за побрзо да наоѓаме некои решенија“, рече Касами во емисијата „360 степени“.