Новиот грчки амбасадор кај Пендаровски: Договорот од Преспа е столб за односите во иднина
Грција има искрена желба и посветеност за унапредување на добрососедските односи, соработка и пријателството со Северна Македонија, изјави денеска новиот грчки амбасадор Русос Кундурос за време на предавањето на акредитивните писма на претседателот Стево Пендаровски.
„Како непосредни соседи, со заедничка работа, можеме многу да постигнеме. Тоа ги вклучува нашите економии, така што економска соработка ќе биде највисок приоритет.
Еден од столбовите за градење цврста врска во сегашноста, но и за во иднина, е целосното, доследно и со добра намера спроведување на Договорот од Преспа во целост“, рече Кундурос.
Според него, членството на Македонија во ЕУ е важно за сите во регионот, затоа што тој процес е фактор за стабилност и Атина ќе го поддржи. Грција е убедена во неопходноста од регионална соработка заснована на добрососедски односи.
„Неопходен услов за тоа е почитувањето на начелата на Обединетите нации и почитувањето на меѓународното право и меѓународните договори од страна на сите, без исклучок“, наглчаси Кундурос.
Кундурос му рече на Пендаровски дека во Атина со нетрпение се очекува неговата претстојна официјална посета на Грција подоцна оваа година, што ја покажува динамиката на билатералните односи.
Пендаровски нагласи дека со потпишувањето на Преспанскиот договор започна новото поглавје во нашите билатерални односи и дека нив сега ги карактеризира искрено пријателство, висок степен на политички дијалог и натамошна посветеност на политиката на добрососедство и регионална соработка. Пендаровски изјави дека во наредниот период за почеток на првата меѓувладина конференција со ЕУ „искрено сметаме на гласната поддршка од Грција, како пријател, сојузник и стратешки партнер на Република Северна Македонија во овој процес“.